„Танец“ средствата од продадените билети од новата концертна сезона ќе ги намени за најпогодените од пандемијата

10 април 2020

Велигденските празници вообичаено го навестуваат и почетокот на новата концертна сезона на „Танец" и тоа токму со популарниот Велигденски концерт. Оваа година, заради новонастанатата состојба со пандемијата, тие, како и сите други институции од областа на културата, ќе мораат да ги пролонгираат сите концертни настапи, сѐ до конечното справување на државата со Корона вирусот.

Сѐ уште не може да се предвиди точниот датум,, но „Танец" како познат колектив со долга хуманитарна историја, со сигурност знае дека дел од своите активности ќе ги насочи во помош на најпогодените. Имено, во програмата на НУ „Танец" за 2020 година, веќе одобрена од Министерството за култура, стои дека е предвиден еден голем хуманитарен концерт, за кој почнаа и преговорите кои се можните приматели на средствата, но директорот Мартин Вучиќ со целото раководство на НУ „Танец" овие денови немаа дилеми дека оваа планирана донација од приближно 300.000 денари, ќе ја удвојат, со тоа што ќе посветат уште еден од своите големи концерти (во Националната опера и балет), а вкупната сума од приближно 600.000 денари ќе ја адресираат на најпогодените семејства од пандемијата.

Исто така, да потсетиме дека „Танец" со оглед на состојбата со Коронавирусот, уште од 21 март, на својот Јутјуб канал започна со ексклузивно еднонеделно емитување на сите снимени концерти од минатогодишната јубилејна сезона, која што се одвиваше под мотото „Остани во чекор". Серијата концерти одржани во 2019 година, во знакот на 70-годишнината од основањето на ансамблот, беа снимени во рамките на посебен проект, кој НУ „Танец" лани го стартуваше како дел од новата стратегија за заштита на културното и нематеријалното богатство.

Објавено:
10 април 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
80 пати