„Танец“ прослави 70 години постоење!

26 јуни 2019

Со спектакуларен концерт вчеравечер во просториите на Македонската опера и балет, националниот ансамбл „Танец“ прослави седум децении постоење.

Формиран со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство и да го претставува во земјата и надвор од нејзините граници, вчеравечер сите што се дел од „Танец“ покажаа зошто треба да сме горди. 

Во речиси тричасовното уживање беше претставен само дел од богатата ризница што ансамблот ја негува од основањето на 24.март 1949 година.

Низ годините публиката во државата и светот имала можност да присуствува во изведбата на бројни кореографии, огромен фонд песни, ора, оригинални носии и сценски адаптации. Вчеравечер пак, понудија осмислена програма, со нови кореографии, барем нови за публиката која редовно ги следи и со тоа како да отворија ново поглавје во презентирањето, а истовремено оправдувајќи го епитетот симбол и амбасадор на македонскиот фолклор, подвижен музеј на македонската духовна култура.

На присутните им се обрати и актуелниот директор Мартин Вучиќ, кој истакна дека „Танец“ сите ови години го задржува стандардот што го поставил уште на првото меѓународно претставување под кој, како што рече, не ни е дозволено да одиме. Традицијата од минатото ја поврзуваат со современите текови и модерните сценски видувања.

-Ние, сегашните, и идните генерации, мора да бидеме во чекор со тие високи критериуми и цврсто да го одржуваме тоа врвно ниво и претпазливо да го надградуваме со нови пристапи и обликувања беа притоа да го осквернавиме, рече Вучиќ.

 

Концертот беше конципиран во два дела, во кој публиката максимално уживаше. Сепак, громогласен аплауз и овации предизвика појавувањето на сцената на најстарата генерација играорци.

Со истиот интензитет беше поздравен и доајенот на „Танец" Атанас Коларовски, претставник на првата генерација играорци и две децении негов раководител, кому му беше врачена посебна благодарница. Коларовски е автор на неколку кореографии, меѓу кои на ората „Драчевка" и „Калајџиско", а во документарецот со кој почна вечерашниот концерт тој ги раскажа сеќавањата од почетоците на ансамблот.

Благодарници им беа доделени и на четворица други поранешни раководители на „Танец" за особен придонес во неговиот развој – Томе Димишковски, Бошко Тренески, Марко Колоски и Зоран Џорлев.

Со сето ова, комплетно беше оправдано мотото под кое се води одбележувањето на седумте децении постоење: „Остани во чекор“ - со минатото, сегашноста и иднината.

Му посакуваме на „Танец“ уште долги години постоење, уште многу концерти, што подобри услови и уште многу успешни настани!

 

Објавено:
26 јуни 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
201 пати