Ако вчеравечер не бевте во спортско рекреативниот центар „Кале“, многу сте пропуштиле. Иако Шарлин вети дека ќе се вратат, Тексас вчера приредија шоу на кое вредеше да присуствувате.
Откако го откажаа настапот на Скопје Колинг пред неколку месеци, организаторите од Авалон продукција информираа дека ќе ги донесат на целовечерен концерт и тоа и го сторија.
Спортската сала „Кале“ беше полна обожаватели на бендот кој повеќе од 30 години прави супер музика и песни кои сите ги пееја во еден глас, но никој не можеше да ја надмине Шарлин Спитери.
Ако некогаш сте слушнале некои од нивните песни или сте погледнале некое видео, тогаш знаете дека таа е фантастичен вокал кој навистина мора да го слушнете во живо.
Ова дефинитивно беше еден од најдобрите концерти што му се случиле на Скопје, a ако некој воопшто се сомневаше во вокалните способности на Шарлин, требаше да ја слушне вчеравечер.
Оваа фантастична дама со единствена енергија даде сè од себе на сцената, постојано комуницираше со публиката, раскажуваше за ќерката, за одличната храна во Македонија, за Чаршијата, за добрите момци на граница...
Таа е вистински шоумен. Иако дел од нивните песни, особено оние постарите ги знаеја и пееја само нивните најголеми фанови, тие сепак направија атмосфера на која едноставно не можете да престанете да скокате.
Како што самата Шарлин кажа, тие во Скопје дојдоа со ултра квалитетна опрема за на публиката да ѝ приредат единствено доживување за кое ќе раскажуваат долго време.
И останатите членови на бендот беа едноставно неверојатни, полни енергија и фантастичен дух, големи музичари кои правеа и онака добрите песни да звучат уште подобро.
Нивните движења на сцена, самата изведба, вокалите... Едноставно тие ја освоија публиката на прв поглед, па навистина беше чудно она што и самата Шарлин се прашуваше, зошто досега ниту еднаш не настапиле во Скопје.
Шарлин пак е посебна приказна, фантастична пејачка и личност која зрачи со посебна енергија која мора да ја доживеете. Сите песни ги отпеа без ниту една минута пауза, а нè почестија со речиси двочасовна свирка.
Очекувано, откако последно ги испеаја големите Black Eyed Boy и Inner Smile, како што и самата кажа, ќе си заминат, но ако публиката е доволно гласна можеби и ќе се вратат за уште една песна.
Така и беше. Нејзиниот гитарист Тони, почна да ја свири мелодијата на Suspicious Minds на Елвис Присли, а таа му се придружи и одличниот концерт доживеа крај каков што заслужуваше.
И Скопје доби концерт каков што заслужува. Во исчекување на многуте квалитетни што доаѓаат, Шарлин ти си „страшна фраерка“, а „момците“ ти се цареви!