„Тито и Дино“ е првата македонска сликовница целосно изработена со кирилски фонт за дислексија

30 јули 2021

Илустрираната книга за деца „Тито и Дино“, која неодамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е првата македонска сликовница целосно изработена со специјален фонт за дислексија. Во делото од авторката Ј. Мишо, што е збогатено со илустрации на Оливер Коларевски, е користен кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално изработен од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје со цел да им се олесни читањето на лицата со дислексија.

Дамјан Николовски од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ истакнува дека објавувањето на „Тито и Дино“ е од големо значење за лицата со дислексија, но и воопшто, за издаваштвото кај нас.

– Излегувањето од печат на сликовницата „Тито и Дино“ е од огромно значење за нас како организација што ги застапува правата на лицата со тешкотии во учењето, односно дислексија. Најважното од сѐ е што најголема корист од неа ќе имаат токму учениците со дислексија од раната училишна возраст. Оваа книга ќе донесе многу позитивни промени, не само во издаваштвото туку и генерално. Пред сѐ, поради фактот што ова е првата целосно „дислексија френдли“ (dyslexia friendly) сликовница во нашата држава, изработена со кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално креиран за да го олесни читањето кај лицата со дислексија. Финалниот производ е фантастичен од секој аспект. „Тито и Дино“ е топла интересна приказна со одлични илустрации, која дефинитивно ќе им го задржи вниманието на малите читатели. „Ајнштајн“ има стратешко партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“ веќе неколку години и сосема беше логична соработката и на ова издание, кое е поддржано од нашето здружение – вели Николовски.
 Тој додава дека преку 60 македонски лесно читливи лектири и читанки е исклучително успешен проект. Направени се и верзии на лектирите на албански јазик, со цел да се олесни читањето кај учениците со дислексија и од албанската популација.

Досега, преку својот импринт „Либи“, во посебната едиција „Лесно читливи лектири“ се објавени 78 лектири од листата за основно образование одобрена од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, на македонски и на албански јазик.

– Секојдневно се обидуваме да ги направиме книгите сè подостапни до читателите. Воедно, тоа значи и адаптација на одредени изданија, нешто што за нас е и предизвик и задоволство. Тоа и ни беше инспирација за едицијата „Лесни читливи лектири“, со којашто, по првпат во македонското издаваштво, лектирите се изработуваат со фонтови за дислексија. Успехот и добриот прием на оваа новина кај лектирите нѐ поттикна да го примениме кирилскиот фонт DyslexicFZF и во изданијата за предучилишна и раноучилишна возраст. „Тито и Дино“ е прва сликовница во нашата земја целосно изработена со специјалниот кирилски фонт за дислексија. Со тоа ќе им се олесни читањето на децата со дислексија, но и воопшто на децата кои се во фаза на описменување. Ние сме убедени дека читањето не треба да е привилегија, туку право. Сакаме да им го олесниме патот кон светот на книгите на сите читатели и затоа постојано работиме во таа насока – вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

„Тито и Дино“ за кратко време од објавувањето стана една од омилените сликовници кај најмладите читатели. Станува збор за приказна за едно необичното пријателство помеѓу диносаурусот Тито и детето Дино, кои делат заедничка пасија – љубовта кон програмирањето. Сликовницата отвора и повеќе актуелни прашања, како соочување со врсничкото насилство во училиштата, прифаќање на различните деца и вклопување на децата кои другите не ги разбираат.

Сликовницата „Тито и Дино“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

Објавено:
30 јули 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
501 пати