Веќе знаете дека во тек е 31. Меѓународен Саем на книгата во ВИП Арената Борис Трајковски каде на едно место ќе ги најдете најновите наслови од голем број домашни и странски издавачки куќи.
Во текот на Саемот, од издавачкиот центар ТРИ само за нашите читатели издвоија пет фантастични наслови од истакнати автори кои ќе кажеме дека се задолжителни за секоја домашна библиотека.
Прва книга на списокот што треба да го направите пред да појдете на штандот на издавачкиот центар ТРИ е „Дванаесет животни правила“ од Џордан Питерсон која несомнено дава одговор на многу ваши свесни и потсвесни прашања – како ѕвезда водилка во вечната човекова потрага по смисла.
Понесен од великаните на западната мисла, од најразлични домени на науката, од религиозните списи и најголемите книжевни дела на човештвото, а пред сè од својата долгогодишна практика како клинички психолог, Џордан Питерсон ја резимира вредната етичка, психолошка и филозофска мудрост преточувајќи ја во дванаесет едноставни начела за живот вреден за живеење.
Втора книга на која би требало да ѝ посветите внимание кога ќе го посетите штандот на издавачкиот центар е „Начинот на волкот од Волстрит“ од Џордан Белфорт кој ексклузивно нѝ го отвора својот свет и нѝ нуди увид во сопствениот „Систем на права линија“ – со чија помош успеа да создаде огромно богатство за себе и за своите клиенти.
Луѓе што никогаш не оствариле успех, одненадеж постигнуваат нешта за кои не ни сонувале дека се можни, и живеат многу поповластен живот отколку што си замислувале. А сето тоа почнува со усовршување на уметноста на убедувањето, со помош на Системот на права линија. „Начинот на волкот од Волстрит“ е клуч за примена на овој систем во секој бизнис и секоја дејност.
Додека сте таму, задолжително побарајте го фасцинантниот трилер „Несаканиот гостин“ на Шари Лапена за кој медиумите пишуваа дека и Агата Кристи би се гордеела.
Викенд во пријатно планинско хотелче – совршен одмор! Но, кога бурата ќе почне да беснее, за некој тоа ќе биде последниот одмор...Гостите еден по еден пристигнуваат во Мичеловиот пансион, длабоко во снежните планини Кетскил, не ни помислувајќи дека невремето ќе ги отсече од надворешниот свет. Постепено запознавајќи се, се обидуваат да го искористат тоа на најдобар начин. Но, тогаш се појавува првото мртво тело – и тие се ужасуваат од помислата дека меѓу нив има убиец.
„Островот Камино“ е подеднакво возбудлива книга која раскажува една интересна, забавна приказна која се чита во еден здив. Банда крадци дрско го ограбуваат трезорот на Библиотеката Фаерстон на Принстонскиот универзитет. Нивниот плен е бесценет, но Принстон го има осигурено на дваесет и пет милиони долари. Мерсер Ман, млада писателка која страда од писателска блокада, останува без работа и се прашува како да ги исплати кредитите. Токму тогаш ѝ приоѓа елегантна, мистериозна жена која работи за уште помистериозна компанија и ѝ нуди на Мерсер великодушна парична награда за да се инфилтрира во писателскиот круг пријатели на Брус Кејбл и да му ги дознае тајните. На крај, Мерсер дознава дури и премногу, па настануваат неочекувани пресврти кои само Џон Гришам умее толку возбудливо да ги раскаже.
Одлична приказна со наслов „Проблемот Спиноза“ раскажува и писателот Јалом кој го истражува внатрешниот живот на двајца интригантни млади луѓе во фасцинантна приказна за влијанието и стравот, за потеклото на доброто и злото, за владеењето на теророт и филозофијата на слободата. Животите на филозофот Барух Спиноза и нацистичкиот идеолог Алфред Розенберг ги делат цели триста години, но во оваа книга тие се испреплетуваат на неочекуван и восхитувачки начин.
Тргнувајќи од историските факти, психијатарот и новелист Јалом ги обединува нивните животни околности во еден динамичен и повеќеслоен роман истражувајќи ги прашањата на идентитетот и потрагата по свое место во светот.
Меѓународниот Саем на книгата трае до 14 – ти мај до кога и имате можност да ги набавите вашите омилени наслови по супер цени и да се сретнете со некои од вашите омилени автори.