Традиција: Првото новогодишно утро започнува со Виенски концерт

26 декември 2019

Се будите после новогодишната ноќ, поспани сте, во пижами. Си варите кафе или чај, ставате некоја кифличка и салата во чинија, или колач, си земате ќебенце и седнувате пред телевизор. Часот е 11.15 и на МТВ започнува традиционалниот новогодишен концерт на Виенската филхармонија.

Ова е сликата што во секој дом е речиси традиција. А ако не е, тогаш нека стане!

Виенскиот концерт се одржува во Златната сала на виенскиот Музикферајн, а го изведува оркестарот на Винеската филхармонија. Секогаш е посветен на делата на композиторите од семејството Штраус, а повремено се вклучуваат и дела на други композитори.

Концертот се пренесува во директен телевизиски пренос во многу земји ширум светот, последните години преку 90. Најчесто се изведуваат околу 12 дела, со пауза на околу половина од програмата. До 1990-та година, концерот имаше само еден дел, а од 1991-ва се два дела.

Инаку, „Златната сала" не е само една од најубавите, туку и акустички е една од најдобрите сали на светот. Изградена е по пример на античките сали.

Освен музиката, Виенскиот концерт е омилен и поради неколкуте интермеца во кои се дава поглед на виенската култура и начинот на кој се подготвувал концертот.

Значаен дел се и прекрасните цветни аранжмани, кои претходно пристигнуваа од Сан Ремо, но од 2015 за тоа е задолжена „Виена Сити Гарденс", заедно со австриските градинари и цвеќари.

Оваа година оркестарот ќе биде под диригентската палка на Андрис Нелсонс. Роден е 1978 година во Рига, во семејство на музичари. Студирал диригенство, а кариерата ја започнува како трубач во оркестарот на Латвиската национална опера. Бил и музички директор на Бирмингенскиот синфониски оркестар и тоа од 2008 до 2015 година, како и музички директор на Латвиската национална опера од 2003 до 2007 година. 

Андрис Нелсонс

Познато ви е дека каритите се добиваат преку лотарија. Но, заинтересираните кои нема да се најдат меѓу добитниците, можат да го следат новогодишниот концерт во живо и бесплатно во Виена и тоа на отворено, на плоштадот пред зградата на Националната опера. 

Традиционално, дел од остварените приходи се издвојуваат во добротворни цели. Инаку, цената се движи од 35 до 1090 евра, односно од 25 до 800 евра за концертот на новогодишната ноќ и ноќта потоа, додека за оној на 30-ти, цената се движи од 20 до 495 евра.

Можеби најинтересниот дел од Виенскиот концерт, кој најчесто има три биса, е последниот дел - Радецки маршот, кога публиката со ритмично аплаудирање учествува во изведувањето.

Инаку, овој концерт првпат е изведен на 31.декември во 1939-тата година, под диригентската палка на Кременс Краус. Од 1-ви јануари 1941-вата година концертот се изведува околу пладне на првиот ден од новата година.

Нека 2020 ни започне на најубав можен начин!

 

фото: Instagram.com/viennanewyearsconcert; 

Објавено:
26 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.025 пати