Trash Fashion 2018: Еколошка освестеност преку модни креации на средношколците

6 јуни 2018

Да се биде зелен и еколошки освестен секогаш е во мода! Реупотреба на материјалите и еколошки ангажираната мода станува задолжување на секој морално одговорен граѓанин на планетата, а таа одговорност кон самите себе и кон нашиот единствен дом се препознава уште во најрана возраст – како домашно воспитување и како воспитување во текот на образовниот процес.

Токму тоа е суштинската идеја на проектот Trash Fashion, што веќе се наметна како традиционален средношколски настан што преку креативни дизајнерски решенија има за цел да ги подигне гласот и свесноста за еколошката одговорност на секој поединец.

Вчера по седми пат во МКЦ се одржа еколошката модна ревија Trash Fashion во организација на OXO во соработка со Министерството за образование и наука, а на која земаа учесто 34 средни училишта од цела Македонија.

Се работи за натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали е наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем". Со оглед на натпреварувачкиот карактер на настанот, вчера беа наградени три училишта рангирани од трето до прво место, а беше доделена и една специјална награда „Trash for art".
Сите 34 креации што ги видовме на писта воодушевија со своите оригинална идеја и реализација на тема „Мода од иднината" и што е најзначајно придонесоа кон подигнување на еколошката свест.

Првото место им припадна на учениците од СОУ „Ѓорче Петров" од Крива Паланка, кои покрај оригиналната креација имаа осмислено и интересен сценски настап за што поавтентично доживување на истата. Второто место го заслужија учениците од СУГС „Димитар Влахов", додека третото место им припадна на учениците од СОУ „Богданци" од Богданци. Специјалната награда „Trash for art" ја добија СОСУ „Илинден" од Скопје.

Целта на Trash Fashion Macеdоnia е на иновативен начин да ги поттикне средношколците да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.

Објавено:
6 јуни 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
250 пати