Треба ли оваа фотографија да се тргне?

13 февруари 2015

Фотографијата на Џејд Бил што неодамна ја постави на социјалната мрежа Фејсбук, која прикажува жени, мајки како ги дојат децата, предизвика големи реакции.

Фотографката признава дека била многу изненадена од коментарите што секојдневно ѝ пристигнувале и тоа од сите страни на светот.

-Оваа фотографија стана многу распространета и тоа за многу краток временски период. Многу мажи ми го „затрупаа“ сандачето на Фејсбук со пораки да ја тргнам фотографијата, иако брадавиците и гениталиите се цензурирани. Кога не беа цензурирани, Фејсбук самиот ми ги тргаше, затоа се одлучив за ваква варијанта – вели Бил.

Интересно е тоа што некој забележал како една брадавица не е замаглена, поради што фотографијата повторно е пријавена и секако тргната.

-Зарем не мислите дека е глупаво што мажите можат да ги покажуваат брадавици, додека за жените важи спротивното правило? Тоа дури и не е проблем на Фејсбук, туку на култура. Би сакала да можам да ги поставам фотографиите од голи мајки во чинот на доење, но би сакала и сите Американци да ја редефинираат својата врска со женските гради и да го слават голото тело, неговите различни облици, без потреба да го етикетираат како „вулгарно“ и „одвратно“ – вели фотографката за магазинот „Космополитен“.

Инаку, Џејд фотографира жени веќе 15 години, инспирирана од сопствениот гол портрет додека го дои синот, со 40 килограми повеќе на себе. Токму таа фотографија ја поттикнала кариерата да ја постави на славењето на убавината, на недостатоците на различните облици тела и ранливоста на сите мајки.

Сега, фотографијата е комплетно цензурирана и сè уште присутна на социјалната мрежа.

цензурираната верзија цензурираната верзија

И тука се поставува едно важно прашање: Зошто овие фотографии им пречат на мажите, а не оние со жешки девојки во транспарентни маички, таканаречени костими за капење или топлес изданија? И во вториот случај се гледаат брадавици и женското тело, но тоа е секси, а глетката кога жената го дои детето е грда? И треба да се цензурира?

На местото на тие жени, можат да бидат утре нивните сопруги со нивните деца. Дали и тогаш ќе биде грдо?

И додека секојдневно се соочуваме со секакви неприкладни фотографии, еден ваков подвиг за славење на убавината на женското тело и големината на тоа да се биде мајка е осудувано.

Она со што таа група на мажи, но и сите останати што го делат нивното мислење имаат проблем е проблем со нивото сфаќање на овие теми, затвореноста и предрасудите.

Кое е вашето мислење? Треба ли оваа фотографија да биде отстранета?

Во продолжение погледнете дел од нејзината работа:

Објавено:
13 февруари 2015
Категорија: 
Култура