Трет „Бал на различности“ – Да бидеме еднакви во различноста

17 октомври 2016

Вчеравечер во домот на АРМ во Скопје, се одржа третиот по ред „Бал на различности" – манифестација која има за цел да ја подигне свеста на општеството за луѓето со посебни потреби.

Настанот кој е во организација на здружението „Дајте ни крилја", а под покровителство на првата дама, Маја Иванова, годинава беше под мотото „А, зошто да не сме различни?!" упатувајќи силна порака дека сите треба да бидеме еднакви во различноста.

„Сите заедно сме во тимот на различностите кој не само вечерва, туку секогаш во играта на животот ќе биде победник. Верувам дека и годинава ќе испратиме силна порака до сите наши граѓани, дека нашето општество знае да живее со различностите, уважувајќи ги и почитувајќи ги истите", потенцираше во својот говор пред присутната публика, првата дама.

Претседателката на здружението „Дајте ни крилја", Ребека Јанковска Ристески пак упати порака до јавноста дека уште многу треба да вложуваме и сите заедно да работиме за инклузијата на луѓето со посебни потреби за непречено функционирање во секојдневието. Таа го отвори и забавниот дел од програмата која вклучуваше настапи на талентирани музичари, танчари, актери, оратори, како и модна ревија...

Нашите симпатии ги освоија буквално сите што излегоа на сцена, секој со свој талент и со своја порака која треба да допре до секој од нас ако целиме кон подобро, етичко и морално општество.

Талентираните танчари од групата „Dancers united MK" кои на 19 октомври патуваат во Грац, Австрија на Светското првенство за модерни танци, направија неверојатна позитивна атмосфера со својот настап и заминуваат на првенството со голем број фанови.

Во рамките на програмата уживавме и во модна ревија на која убавите модели носеа креации на нашите модни дизајнери што ја поддржаа иницијативата на „Бал на различности", модниот бренд Елена Лука, креаторите Ненад Секирарски и Александар Рашковиќ, како и талентираната млада дизајнерка Анастасија Чадо, која боледува од церебрална парализа, но која е упорна во остварувањето на своите соништа. Ова е нејзина втора ревија на Балот на различности, додека првата ја имаше токму во рамките на оваа манифестација пред две години во соработка со модната куќа Елена Лука.

Стефанија во креација на Елена Лука

Флоренс во креација на Елена Лука

Најмалите модели во креации на Ненад Секирарски

Креации на Ненад Секирарски

Креации на Александар Рашковиќ

 Анастасија Чадо со нејзини креации

"Модата и хуманоста секогаш се сплотени под името на Елена Лука. Во континуитет ја поддржувам иницијативата на Бал на различности со еден ист мотив: да им се дадат крилја на оние на кои им се најпотребни и оние кои знаат да сонуваат и знаат да ги остварат своите соништа", изјави Елена Пандева, сопственичка и генерален менаџер на модниот бренд.

Давид Мандиќ, една од ѕвездите на вчерашната манифестација е лице со аутизам, талентиран тапанар (а одлично се покажа и во улога на водител), кој заедно со својот бенд имаше фантастичен настап на песната „Enter Sandman" од Metallica.

На сцена имавме прилика да видиме и исечок од претставата „Викај ме среќа" во која покрај професионалните актери исто така свои улоги имаат и деца со Даунов синдром. Ви ја препорачуваме претставата која е на редовниот репертоар на МНТ.

Во продолжение ви пренесуваме дел од амбиентот од третиот „Бал на различности" и ви ги пренесуваме топлите поздрави и пораката од лицата со посебни потреби: да бидеме еднакви во различноста, зашто токму благодарение на тоа што сме различни ние сме единствени, уникатни и незаменливи! А еднакви!

 

 

Објавено:
17 октомври 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
991 пати