Три златни правила за да немате размазено дете

24 ноември 2016

Ако сакате да одгледате добро воспитано дете мора да воспоставите неколку основни правила. Да се разбереме, секој од нас одредува како ќе постапува, но тоа некој го прави на полесен начин и му оди добро, некој по пат несвесно прави грешки и тоа има последици.

Бидете доследни

Секогаш, ама баш сeкогаш бидете доследни. Децата ги тестираат вашите граници на трпеливост. Важно е вие да се држите до вашите зацртани правила. Научете се да кажете „не“ кога е тоа потребно и бидете доследни во тоа, затоа што на детето нема да му биде јасно зошто еднаш истата работа смее да ја направи, а другиот ден не.

Правилата секогаш мора да бидат исти без исклучок, без молби од страна на детето и без никакви попуштања. Немојте да го сожалувате детето, атоа што тоа само бара нешто, почнувајќи од чоколадо или нешто сосема друго. Кога еднаш ќе попуштите детето ќе изнајде начин како повторно да ве придобие и да си ја постигне сопствената цел. Секој нареден пат кога ќе кажете „не“ тоа ќе инсистира се додека не добие тоа што сака. Останете доследни, покажете им што мислите и укажете им дека не се тие над вашите правила. Понекогаш и нема да бидете сигурни дали треба да попуштите, но ќе разговарате со детето и ќе му дадете простор да одговори зошто и со која причина инсистира, а на тој начин ќе одлучите како ќе постапите.

Детето треба да има обврски и задачи во домот

Ако на детето му давате задачи по дома кои се прилагодени на возраста секако, тоа помага во стекнување на одговорност. Вклучете го детето во она што вие го работите, дајте му улога на партнер во завршувањето на домашните обврски. Задолжително научете го сопствениот неред во собата да си го собере. Пофалете го детето кога добро ќе ја заврши задачата. После тоа искуство најверојатно ќе сака да ви помага и по дома.

Детето треба да почуствува разочарување

Ако го заштитувате детето од сите удари кои ни ги задава животот, вие на вашето дете му правите „мечкина услуга“. Ниту еден родител не сака детето да му плаче кога е вознемирено, но во реалниот живот разочарувањата се неизбежни.

Не мора секогаш да ја добие посакуваната играчка. Мора да се научи да ги контролира своите чувства и постапки на тој начин ќе се научи како да го прифати разочарувањето, да ги прифати своите чувства, да се соочи со емоционалните стресови понатаму во животот.

Објавено:
24 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
5.718 пати