Ученикот на час, мобилниот во џеб на ѕид

27 септември 2019

Здружението АЈНШТАЈН на 26-ти септември ги промовираше првите организатори (џебови) за складирање на мобилните телефони, наменети за учениците од сите основни училишта на територија на Општина Карпош.

Промоцијата е дел од проектот Вклучи внимание, спроведуван од Здружението АЈНШТАЈН, а финансиски поддржан од Европската Унија. Главната цел на овој проект е подобрување на когнитивните, комуникациските и социјалните функции и зголемена фокусираност и внимание на учениците за време на училишните часови. За да ја оствари оваа цел, Здружението АЈНШТАЈН во соработка со партнерите издавачката куќа Арс Ламина и Општина Карпош постави организатори, односно платнени џебови за складирање на мобилните телефони. Имено, учениците, пред почетокот на секој час, ќе бидат задолжени да ги оставаат своите мобилни телефони во еден од џебовите на организаторот. Изработени и поставени беа вкупно 136 организатори за мобилни телефони, од кои 68 организатори со по 30 џебови наменети за помалите училишта и 68 организатори со по 35 џебови наменети за поголемите училишта.

Претседателот на Здружението Ајнштајн Дамјан Николовски изјави дека очекува ваквиот проект да продолжи да се спроведува и во останатите општини, а во блиска иднина ваквиот чекор да се спроведе на ниво на целата држава во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

Грција, Франција и Велика Британија се дел од државите каде што употребата на мобилни телефони во училиштата е забранета. Но со почетокот на оваа учебна година и нашата држава се позиционираше на светската мапа на држави кои ќе ја ограничуваат употребата на мобилните телефони за време на училишните часови. Всушност Општината Карпош е првата локална самоуправа во која се започна со ограничена употреба на мобилните телефони и другите електронски уреди во текот на наставата, во сите десет основни училишта. Со почетокот на оваа учебна година Општина Карпош донесе одлука со која се ограничува користењето на мобилните телефони од страна на учениците за време на училишните часови и истата е веќе изгласана од страна на сите 10 основни училишта на територија на Општина Карпош.

Објавено:
27 септември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
800 пати