Успеавме и за Атиџе да се скараме - Зошто ја нема на оскаровскиот ручек?

29 јануари 2020

Најсподелуваната, но воедно и најкоментираната вест вчера во македонските медиуми беше оскаровскиот ручек, на кој присуствуваше и екипата на „Медена земја“. Режисерите, снимателите и продуцентот, ги видовме рамо до рамо со Бред Пит, Леонардо ди Каприо, Роберт де Ниро, Ал Пачино... но, не и Атиџе.

И после неколкуте минути радост, почна темниот облак и македонскиот суд:

„Без Атиџе немаше да бидете таму а неа ја нема на ни една фотографија, срамота за вас...“, „Немате човечност“, „Да ја немаше неа, ни вие ќе видевте Оскари“, „Малку повеќе скромност, не би било на одмет“, „Каде е Атиџе, или таа не е достојна за вакви настани“, „Македонска работа, додека има корист, кога веќе не ти треба, шутни го во некој ќош, БРУКА!!!, „Атиџе треба да е пред нив на сцена“, „Каде е Атиџе, со туѓи перја лесно е да се китиш, таа е најзаслужна“, се само мал дел од коментарите.

И секако дека успеавме да се раскараме и за најубавата работа што ни се случила минатата година, а благодарение на Тамара Котевска, Љубомир Стефанов, Самир Љума, Фејми Даут и Атанас Георгиев, кои воопшто и ни открија дека постои Атиџе, а потоа и Атиџе која ни го откри „нејзиниот рецепт“ за зачувување на природата, но и многу други нешта.

Но, да тргнеме вака.

Оскаровскиот ручек е свеченост која се организира уште раните 1980-ти, а е замислена како неформално дружење наменето за НОМИНИРАНИТЕ. Порано, тоа се однесуваше само на актерите, но сега присуствуваат и номинираните режисери, продуценти, костимографи, музичари...

Значи, номинираните, не протогонистите на филмовите, ликовите од големото платно кои ни оставиле впечаток, туку оние што се нашле меѓу номинираните. Така, Атиџе како главен лик во документарниот филм „Медена земја“, а без номинација, логично е и да отсуствува од настанот.

Сепак, не сите номинирани се појавија на фотографирањето на групната фотографија за „класата 2020“. Скарлет Јохансон и Хоакин Феникс се едни од нив, а зошто не е познато.

Но, ние и без да ги знаеме сите причини и без објективно размислување и информираност, „удривме“ по луѓето кои до вчера ни беа херои, но денес се бруки! 

Притоа, прашање е колкумина од тие што ревносно го коментираат „СРАМОТ“ воопшто го погледнале филмот, а и дали би ја запознале Атиџе, да не беа овие петмина уметници.

Исто така, „Оскаровски ручек на номинираните“ и „Оскари“ не се иста манифестација. Најдобрите од номинираните ќе бидат прогласени на гламурозна церемонија на 9 февруари 2020 година. А на тој настан, како што беше најавено претходно во македонските медиуми, ќе присуствува и Атиџе, за која периодов се подготвуваше и креација.

И уште нешто, сериозно не знаеме да препознаеме шега, а иронија и сарказам ни се па ептен тешки за распознавање (објавата на режисерката Котевска „Само да разјасниме... не стоев јас до него. Тој стоеше до мене (јас имам 2 номинации овааа година)" - за Леонардо Дикаприо).

Одговорот на прашањето зошто ни успехот и убавите нешта не можат да нè сплотат, никако не е едноставен, а ни среќен.

Инаку, интересно е и ова:

-Ал Пачино првпат после 27 години, за улогата во „Ирецот“ ја доби номинација за „Оскар“. Претходно бил номиниран осум пати, а во 1993 година успеа да освои „Оскар“ за Најдобра главна машка улога во филмот „Scent of a Woman“. Тој изјави дека категоријата за Најдобра споредна машка улога е „специјална“, а нема зошто да не се согласиме, бидејќи покрај него номинирани се и Бред Пит, Том Хенкс, Ентони Хопкинс, Џо Пеши.

-Ова е првпат манифестацијата да се одржи во јануари, наместо во февруари или март како што досега беше и притоа да се одржи на истото место каде што ќе се случи и главната манифестација - „Долби Театарот" во Лос Анџелес. Досега се случуваше во хотелот „Беверли Хилтон“. За разлика од прехтодно, позадината на новата локација е сосема бела, „какви што се и повеќето номинирани оваа година“, пренесуваат странските медиуми, рефлектирајќи на малиот процент Афроамериканци меѓу номинираните.

-И додека другите се потрудија да се дотераат и да дојдат во беспрекорни модни комбинации, Квентин Тарантино смета дека овој настан и не е баш настан, па се појави во кошула со кратки ракави со жолта јака, а многумина се шегуваа на сметка на неговиот моден избор, дека изгледа како работник на бензинска пумпа или хемиско чистење.

-Секоја година, актерката Лора Дерн е задолжена за распоредот на луѓето на заедничката фотографија, таа е личноста што ги повикува и им кажува каде да застанат. Но, оваа година за да не се случи судир на интереси, Дерн ја нема таа задача. „Жал ми е што оваа година не можам да го правам тоа, иако навистина уживам во тоа. Но, постои убава причина зошто е тоа така“, изјави актерката пред настанот, која се најде меѓу оние на фотографијата, со номинација за најдобра споредна женска улога. 

Објавено:
29 јануари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
37.536 пати