Утре македонска поезија и роденденска забава на BookStar фестивалот

27 октомври 2016

Ако сè уште не сте го посетиле второто издание на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“, тогаш е вистинско време да го сторите планови. За сите вас што немате некои планови утре, а сте вљубеник во домашната книжевна сцена и роденденските забави, тогаш го имаме вистинскиот настан за вас. „Ова е моето последно молчење“ со поднаслов „Панорама на актуелни современи македонски поетеси“ е антологијата што ќе биде промовирана со почеток од 19 часот во „Јавна соба“. Приредувачки на книгата се Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а ќе ја промовира Весна Мојсова-Чепишевска

Изненадување на вечерта ќе биде поетското караоке, а забавата продолжува на роденденската собиранка на Јавна соба со ДЏ сетот на Марко Настиќ.

„Ова е моето последно молчење“ има цел да ги претстави современите македонски поетеси што активно творат од почетокот на новиов век. Станува збор за панорамски преглед со избор од неколку песни што најдобро ќе го претстават личниот севкупен поетски печат на авторките, од поетеси од различни генерации, активни на сцената со по неколку објавени авторски книги поезија на македонски јазик. „Ова е моето последно молчење“ не претставува селективно групирање на авторски дела со слична и обединувачка или тематско-мотивска нишка, туку ги обединува колешките по перо и, како што ги нарекува феминистичката критика, „сестрите по род“, со веќе докажана естетска и книжевна вредност, во заедничко дело, кое ќе претставува глобално огледало на женското писмо во дваесет и првиот век во Македонија, наместо персонално претставување на одреден број авторки.

Ваков тип книга не е битен само од книжевен и од родов аспект туку и од национален и со нејзиното објавување Македонија ќе може да застане рамо до рамо со другите современи и напредни земји, кои функционираат не само демократски туку и демократски-родово, бидејќи овој тип обединувачки зборници се историско-културолошки неопходни.

Викендов на програмата е и настанот „Слушаме приказни“ во рамки на детското катче. Во сабота, 30 октомври, во 12 часот во Јавна соба ќе се одржи читање на приказни за деца под водство на актерката и продуцентка Лабина Митевска. Во април годинава се одржа првиот настан „Слушаме приказни“. Поради големиот интерес, овој пат фестивалот „BookStar“ ги отвора вратите за најмладите читатели. Дечиња од различни возрасти ќе имаат можност да ги слушнат најубавите книжевни приказни на оригинален начин интерпретирани од нашата позната актерка.

Објавено:
27 октомври 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
200 пати