Утре започнува „Пиволенд 2016“

30 август 2016

Од среда па сѐ до недела, посетителите на Скопското Кале ќе дегустираат пиво и гурмански мезиња, ќе слушаат добра музика и ќе уживаат во голем број атракции кои ги нуди „Пиволенд 2016“ оваа година.

Голем избор на пива од различни страни на светот ќе може да се купат на 20-те пивски штандови на фестивалот, како и скара, грицки и мезиња.

Официјално, фестивалските врати ќе бидат отворени во среда од 18:00 за сите посетители, а влезот е бесплатен.

Музичката програма ќе биде поделена на три бини на Кале, како и една во Пивница „Стар Град“. Покрај главната бина, ќе може да слушате добра андерграунд музика на „Бла Бла стејџ“ ( метал, хардрок, рок, хип хоп, рап, инди) и  на „Електро Денс стејџ“ (џангл, прогресив, хаус, техно, трап, транс).

За доброто расположение задолжени ќе бидат: „Рибља Чорба“, Влатко Илиевски, Дани, „Нокаут“, Тамара, „Министарке“, „Фолтин“, Ефто Пупиновски, Тијана, Флукс, Јаков Дренковски, „Чил Плеј’, „Тотално опуштање“, Дј Славе и многу други.

Освен пивско и музичко уживање, посетителите ќе може да се испробаат во адреналински спортови во „Акциската зона“: Кендо, мечување, стрелаштво.

На Пиволенд ќе има и базар за ракотворби, но и голем избор на пивски игри во „Игротеката за возрасни“.

За оние кои сакаат да експериментираат со вкусовите, ќе има штанд со пивски коктели, а од пиварите велат дека секојдневно ќе има акциски промоции на одредени продукти.

На фестивалот ќе се престави и првата микро пиварница во Македонија- „Темов“, како единствена од ваков тип во регионот.

Ги советуваме сите кои сакаат да дегустираат пиво, да не возат туку да користат градски и јавен превоз.

Дојди, види, испиј! Пиволенд 2016!

Објавено:
30 август 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
507 пати