Васко Тодоров: За целата моја работа инспирацијата ја црпам од реката Амазон

14 септември 2020

Васко Тодоров, кој е најпознат по хумористичното алтер его Тошо Малерот, вчера (13 септември) во заедничкиот саемски промоцентар го промовираше неговото прво дело „Монологија" во кое, како што сам вели, се собрани најдобрите монолози на Тошо и е еден вид на „најдоброто од" селекција.

Публиката ја искористи шансата да се дружи со Тодоров после долго време.

Настанот кој беше организиран во рамки на „Саемот на книга" го водеше уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина", Татјана Димовска-Атанасова истакнувајќи дека „батка" е модна икона со светкаво сако и тегет чорапа, жесток противник на буржоазијата која носи фармерки „501", поборник за македонскиот јазик поради што мрази кога некој му вика „изволте" и човек кој знае дека еден „фраер" е фатален кога има бели чорапи, љубовен тепих и ѝ ждрига на „рибата во фаца".

„Монологија" излезе неодамна и веќе е една од најпродаваните книги во сите книжарници „Литература.мк", а воедно може да се нарача и онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk

– „Монологија" дојде сама по себе. Голем дел од тие приказни се стари речиси 30 години и се еден вид на „најдоброто од". Идејата дојде од млади луѓе кои кога пред околу една година се вратив во Македонија ми рекоа дека сами си ги вадат и читаат монолозите кои ги имам кажано така што решив да ја направам оваа книга. Многу ми е мило што се најдовме со „Арс Ламина" и „Монологија" е издание кое може да се чита повеќепати, на пример, со кафе пред работа или па... може и после работа – во свој стил објаснува Васко и додава дека добро е да соберат монолозите во книга за луѓето да ги имаат пред себе и во нив да најдат нешто кое при гледањето на скечевите можеби го пропуштиле.

Иако Тошо Малерот е еден вид на карикатура која го пародира градскиот провинцијализам, квази интелектуалците и стереотипите, Васко истакнува дека сепак ова е лик во кој може сите да се препознаеме.

– Овие теми се секојдневни ситуации и можеме сите да се препознаеме во одредени моменти, сегменти затоа што овие приказни не се од друга планета. Јас сакам сето тоа да го правам со хумор и сатира затоа што е најприемлив начин за сами да си ги видиме аномалиите во однесувањето и доколку можеме да се коригираме. Искрено и јас се препознавам во некои делови од Тошо – појаснува Васко.

Нобелова награда за литература не сака да добие, пред сè, затоа што не му е предизвик и дознал дека немало нешто многу пари. Додека, околу тоа дали црпи инспирација од Рашче или Вруток, вели дека сепак ја црпи од Амазон.

Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости". Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15" заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу-темите. „К-15" во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.

Објавено:
14 септември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
270 пати