„Важно е да се викаш Ернест“: Тривијална бајка за сериозни луѓе

8 мај 2014

Лоциран во срцето на Скопје, вчеравечер Театарот Комедија ја почести својата многубројна публика со уште една премиера. Станува збор за претставата „Важно е да се викаш Ернест“, во режија на младата и талентирана Ирена Стеријовска, по текст на Оскар Вајлд. Во претставата играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димовски, Илија Иловски, Зорица Нушева, Нина Деан, Кристина Ласовска и Тања Мицков. Голем број познати личности од јавниот живот, музичари, театролози, актери, режисери, текстописци дојдоа да си приуштат уживање за своите сетила и нова доза смеење. Директорката на Театар Комедија, Јелена Жугиќ, не можеше да ја скрие возбудата по повод реализацијата на уште еден нов проект, но и задоволството од напредокот на оваа културна институција.

„Јас дадов една многу смела изјава кога се отвораше театарот на првата прес конференција по повод првата претстава дека имам чувство дека секоја наредна претстава ќе биде подобра и подобра и тоа се остварува. Ако ви кажам дека претходната „Стјуардеси“ беше онаа хит претстава не само во Скопје туку и на ниво на Македонија, со вечерашнава премиера несомнено имаме уште еден нов хит. Театарот се развива и си расте благодарение на се она што го сочинува театарот како театар. Од административниот дел преку сценската техника преку актерите уметничко помошниот персонал, значи сето тоа функционира во име на едно нешто, а тоа е да публиката си замине насмеана, задоволна со повеќе излачен ендорфин. Уживање е да се оформи нешто и да гледате како тоа расте, созрева, актерите созреваат од проект во проект, да видите дека тоа функционира и привлекува внимание особено сега кога имаме свој објект во центарот на Скопје и полни сме, салите ни се полни, има публика, има радост и сите сме среќни“, изјави директорката Жугиќ.

Пиесата „Важно е да се викаш Ернест“ е маестрално скроена кога станува збор за драматургија. Вајлд е всушност првата поп икона, почеток на британскиот сериозен, духовит, хиперинтелигентен дендизам. Треба да се има предвид играта на зборови со името „Ернсет“ што на англиски значи да си сериозен, постојан. Во превод поважно е да си Ернест, а помалку важно е да си искрен или само лицемерен. Драмата се занимава со криење, па и лажирање на идентитетот, а тоа денес е мошне присутно. Скриени намери, скриен идентитет. Ернест на еден паметен и духовит начин зборува за (не)прифаќањето на реалноста од страна на мнозинството во општеството. Од име на еден свој лик Валјд порачува: „Живејте! Не пропуштајте ништо! Барајте секогаш нови доживувања! Не се плашете од ништо!“

„Иницијално текстот е комичен ние се обидовме да го срочиме во една таква есенција. Класичната комедија си носи еден поинаков хумор, меѓутоа во нашиот концепт, односно како естетски така и суштински ние ја направивме оваа претстава бајка и ја нарековме тривијална бајка за сериозни луѓе, оти претставивме еден свет во кој што функционираат строги правила и тој свет е монохроматски, сценографијата е целосно во сива бела и црна боја. Потоа ја создадовме љубовта како принцип и си рековме: „Да љубовта ќе ги сруши сите граници!“ и го обоивме монохроматскиот свет во сите бои на љубовта. Тоа е едно начело на претставата кое се базира на Amor Vincit Omnia или Љубовта може да победи се!“, ни откри режисерката Стеријовска.

Стеријовска и на реализацијата на овој проект како на претходните, работеше со својот тим , Стефан Спировски, сценографија и Ана Кркулевска костими. Тоа е тимот кој победува и не се менува.

DSC_7665

„Значи инспирацијата е главно од викторијанското доба и стил, но не се затворивме во таа временска рамка  бидејќи не бркавме време, ниту простор. Едноставно, ние интимно, креативниот тим си ја нарековме претставата фантастична реалност односно фантазија, па следствено на тоа, инспирацијата за формата е од викторијански стил, на кој што му се додадоа многу колоритни и живи бои, кои не соодветствуваат на викторијанскиот период, па решив да ги модернизирам во еден мој стил и затоа не можам да кажам дека костимите припаѓаат на одредено време или стил. Пресреќна и презадоволна сум од тоа како излезе целиот проект, значи комплетно режија, сценографија и костимографија и можам да кажам дека и самите ние сме изненадени од крајниот резултат“, ни раскажа костимографката Кркулевкса.

Во овој, бајковит, сепак херметички затворен и практично монохроматски свет, да се биде Ернест е вид титула на слободоумието, појава зад која во име на љубовта се' е возможно и дозволено: симбол т.е. магичен епитет кој ги овозможува инаку неможните ситуации.

Објавено:
8 мај 2014
Категорија: 
Култура