„Танец“ приреди уживање: Концерт во кој се испреплетоа емоции исто колку и чекори

22 декември 2019

Звуците од „Невестинско оро“ во петокот вечер го означија почетокот на новогодишниот концерт на Националниот ансамбл на народни ора и песни „Танец“ и ја исполнија салата на Македонскиот народен театар. Таканареченото „женско оро“ предизвика емоции кај публиката, која се соживеа со визуелно-аудитивната поставка на сцената.

„Зурли штом диво ќе писнат, штом тапан ќе грмне со подземен екот...“ „Тешкото“ секој пат одново буди гордост и буди трепет. Аплаузи на стартот, аплаузи и во текот на изведбата...

И токму со овие две антологиски ора од репертоарот на „Танец“ се оддаде почит на традицијата, на 70 години кои Националниот ансамбл ги оди во чекор со времето, со животот.

А првенецот Снежана Балканска токму така и го нарече „Танец“ – живот! Овој настап за неа беше повеќе од обичен концерт. После повеќе од 30 години на сцената, Балканска со овој настап замина во пензија. Разделувањата и збогувањата се секогаш емотивни, но особено кога гледате дека љубовта доминира. Колегите ѝ оддадоа чест, неможејќи ни тие да си ги сокријат чувствата.

 „Вечер на емоции. Многу настани, многу спомени има во изминатите години... Многу настапи. Среќна сум што бев дел од „Танец“ и што тој ми дозволи да бидам дел од него. Уште посреќна, што после мене, со оваа дејност продолжува и мојот син, Костадин Балкански“.

Нациоанлниот ансамбл од Србија, „Коло“ ја имаше честа да ја дели сцената со „Танец“ по повод овој, за нив значаен јубилеј, и да го прослават заеднички. Гостите понудија разновидна програма, презентирајќи го своето национално богатство, а сè тоа осмислено преку одличен видео-материјал, кореографии и настап. Со првите звуци на „Ој Мораво“ домашната публика ги поздрави со громогласен аплауз. Потоа следена изведби на „Игри од западна Србија“, па „Игр од Стара Планина“.

Несекојдневно искуство понуди изведбата на „Старобосанско немо коло од Гламоч“. Како што дознавме и од видео-материјалот кој го најави, дури и „Унеско“ ја препознало неговата специфичност и посебност.

Публиката потоа уживаше во сплет на народни мелодии во изведба на народниот оркестар, како и мозаик, сплет на народни песни во изведба на мешани групи пеачи и народниот оркестар. Нивниот настап заврши со динамичните игри од Босилеград и околината, а публиката, како одличен домаќин, ги почести со долги аплаузи и ги врати на бис.

Вториот дел од концертот беше резервиран за „Танец“ кои својот настап го започнаа со „Седенка“ и громогласен аплауз.

Народната песна „Три години стана“ во изведба на Кирил Митоски ја разгали публиката, додека „Там дека има високи чардаци“ во изведба на Сузана Спасовска внесе динамичност.

Хорот и оркестарот на „Танец“ ја почестија публиката и со народната „Кога се мажеше, што ти се чинеше“, за потоа веднаш да ја видиме премиерната изведба на кореогафска постановка на „Радовишки собор“. Кореографијата е на Јовица Блажевски, додека за музичката обработка се погрижи Дарко Илиевски.

Судејќи по реакцијата, новата постановка го помина “судот“ на публиката.

Оркестарот на „Танец“ го изведе „Касапско оро“, додека хорото повторно настапи  со „Не стој Доне, Донке“.

„Драчевка“ е орото со кое „Танец“ го заокружи големиот новогодишен концерт, за кој се бараше и карта повеќе.

Вака хронолошки течеше концертот. Но, многу поважно од тоа е суштината на ваквите настани.

Вечерта почна со емоции и така и заврши. Двата национални ансамбли се обединија на сцената, играјќи и македонски и српски игри и потсетувајќи нè дека една од главните цели на музиката, а со тоа и уметноста, е да обединува.

Судејќи по реакциите на публиката, нивните долги аплаузи и овации, жедни сме за убави  нешта, за сплотеност, за насмевки, кои во текот на оваа вечер ги имаше постојано.

„Танец“ уште еднаш покажа дека е Институција. Големата буква не е грешка. Да негувате национално богатство е одговорна и посветена задача. Тие успеваат во неа. Имаат ли услови? Соодветствуваат ли на големината која ја нудат и која им доликува како на Национален ансамбл? Дали ние им враќаме доволно, тргнувајќи од културата на следење на концертот, до интересот, информираноста – се само дел од прашањата кои се наметнуваат зад блескавоста и одличната изведба во секој сегмент на сцената на ансамблот, уживањето, гордоста што ќе ја почувствувате и кои бараат друг простор.

Монографијата, чиј автор е Кирил Тодевски, во издание на „Арс Ламина“, која содржи десет антологиски кореографии, а која му претходеше на концертот е со наслов „Остани во чекор“, што е воедно и темата на одбележување на овој јубилеј.

„Танец“ седум децении е во чекор со традицијата, минатото и сегашноста, седум децении е во чекор со музиката, љубовта, песната, чекори по градовите низ Македонија, по светот, обединува...

А годината ја заокружија со концерт со концепт, во кој се испреплетоа емоции исто колку и чекори!

Благодариме!

 

фото: Национален ансамбл Танец/Маја Аргакијева;

Објавено:
22 декември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.809 пати
Тагови: 
Танец концерт