Вечерва: "Inner Warriors" петта самостојна изложба на Нина Симовска

10 јуни 2021

Петтата изложба на уметницата Нина Симовска под наслов "Inner warriors"/"Внатрешни Воини" ќе биде отворена, вечерва, 10 јуни во Котур.

Оваа серија на дигитални портрети започнува како идеја за време на карантинот во 2020 и е слика на внатрешните, длабоки емоции и борби на уметникот за време на социјалната изолација. Барајќи одговори таа создава едно свое "племе" од ликови и карактери т.н. внатрешни воини кои се презентација на сите нејзини размислувања, емоции како страв, тага, осуда и сл.

Портретите се движат помеѓу реализам и илустрација, со забележително присуство на цветна контура која означува оптимизам, раѓање и нов почеток.

Изложбата се заокружува како дневник и патепис на едно интимно доживување на уметникот кој во несекојдневни услови останува да зрачи светлина и да биде одговор, отпор и внатрешна борба во која секогаш ќе победи човештвото.

Нина Симовска е уметник, илустратор и муралист и стои позади дизајнерското студио "Just Because." Таа е дипломиран археолог на катедрата за Историја на Уметност при универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје. Со цртање започнува уште од најмала возраст, инспирирана најчесто од сликарските платна на татко и. Во својот личен уметнички израз, Нина, е во потрага по своја сопствена естетика и личен печат најчесто барајќи го во несовршеноста на карактерите и портретите кои ги создава. Таа сака да го предизвика набљудувачот да ги порепознае емоциите вткаени во лицата на нејзините Внатрешни Воини како таа сама така ги нарекува.

Изложбата е од продажен карактер, а на неа ќе може да се купат и принтови во помал формат, дизајнирани маички и бандани по промотивна цена само за присутните гости.

Објавено:
10 јуни 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
69 пати