Вечерва ќе се одржи концертот „Stalking Heads“ на Ива Дамјановски

23 ноември 2022

Вечерва, со почеток во 19.19 часот, во Сала 19:19 на Културно информативниот центар-Скопке, ќе се одржи концертот „Stalking Heads" на Ива Дамјановски.

„Stalking Heads" е дело посветено на вревата и обид за спој на поезијата и музиката. Претставува реобмисливање на македонскиот народен мелос во импресионистички стил.

Ива Дамјановски (1996) Родена е на 09.01.1996 во Скопје, С. Македонија и е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при УКИМ. (2019), класа на проф. Тодор Светиев. Моментално е студент на катедрата за Музикологија, на универзитетот „Università di Trento", како и на катедрата по Музичка Интерпретација и Композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје, класа на прoф. Марија Ѓошевска. Добитник е на наградата на УКИМ за најдобро дипломиран студент на Факултетот за Музичка Уметност во учебната 2018/2019 година.

Автор е на научната статија „Сценското дело на иднината: современиот перформативен феномен, неговиот развој и комуникација со публиката.", објавена во четвртото издание на научното списание "Ars Academica" (2016). Автор е и на трудот ELELORP 76: MUSICA NOVA MACEDONICA. Електроакустичната музика во Македонија, нејзиниот развој и карактеристика.", презентиран во рамки нанаучната конференција на 42-то издание на манифестацијата „Струшка Музичка Есен", издаден во официјалниот зборник на истото (2017).

Дел од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda" посветени на филмската музика, во соработка со Академската Сцена при Факултетот за Драмски Уметности при УКИМ, Скопје (2017- 2019). А, исто така, таа е организатор, режисер и изведувач на концертните проекти „Монохроматика" (дел од програмата на манифестацијата „Денови на Македонска Музика", 2018 ) и „Монолози" (дел од програмата на фестивалот „Златна Лира", 2018). Моментално работи хонорарно како корепетитор на Факултетот за Музичка Уметност при УКИМ и е дел од експерименталното дуо „Алембик".
Нејзината прва композиција за пијано, „Breath" е објавена во компилацијата „Klavirsko Nebo 3", во издаваштво на продукциската куќа „Pop Depresija". Во 2021 го реализира и својот солистички концертен проект „Аs we danced we gave substance to shadows", на кој за прв пат настапува, покрај пијано програмата и со изведба на теремин.

Добитник е на наградата „Игор Исаковски" за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 г. за стихозбирката „Тие" (2017, Блесок), кој го добива своето второ и дополнето издание во 2019 г. (ПНВ Публикации). Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење", за која и е доделена наградата „Браќа Миладиновци" на Струшките Вечери на Поезијата. Нејзината поезија е застапена во многу антологии и списанија за книжевност. Добитник е на третата награда на конкурсот „Антево Слово" за најдобра необјавена песна (2021), како и специјалната награда на меѓународниот натпревар Castello di Duino во Трст, за најдобра необјавена песна со значајна социјална или хуманистичка порака (2021).

Учествувала на голем број поетски читања во и надвор од државата, меѓу кои и „Астални Проекции" и нејзината поезија е застапена во монографијата посветена на поетската манифестација (2019, Бегемот),како и голем број други поетски читања во Скопје. Нејзината наградена книга „Двоумење" доби две претставувања во Осиек и Нашице во рамки на манифестациите „Денови на македонската култура" и одбележувањето на 160 години од зборникот на Миладиновци. Нејзината поезија е преведувана на српски, грчки, хрватски, словенечки, англиски, албански, шпански, италијански, бенгалски и романски јазик.

Објавено:
23 ноември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
82 пати