Вечерва: Концерт на ТАНЕЦ во Македонска филхармонија

16 јули 2021

Во просториите на Камерната сала на Филхармонија, вечерва со почеток од 21 часот ќе се одржи концертот „Мелем песна“ на хорот и оркестарот на ТАНЕЦ.

Концертот е дел од новата сезона на ансамблот, симболично наречена „Враќање", во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, но и во духот на отпочнувањето на новиот сценски живот после пандемискиот застој. Воедно, овој концерт е во рамките на фестивалот „Скопско лето“. 

Враќање

Се поврати човек во родниот град,
По многу време и мака.
Што оставил еднаш тој не најде пак,
Тој не најде ништо да мрази и сака.

Блаже Конески

Ансамблот претходно ги почести љубителите на народните песни и игри со концерти во пет македонски града -  Велес, Прилеп, Македонска Каменица, Кавадарци и Скопје. По нив, „Танец“ ќе ја започне и втора серија од три големи музичко-сценски концерти, наречена „Танец под ѕвездите“, на фестивалите во Струмица, Охрид и Битола.

ТАНЕЦ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Република Северна Македонија, кој е формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционалните песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ. ТАНЕЦ, чие име го симболизира македонскиот народен танц (оро) е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави - без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство. Танец ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. 

Објавено:
16 јули 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
363 пати