Вечерва македонска премиера на „Соларис“ во МНТ

26 септември 2016

После успешната премиера на претставата „Соларис“ во метрополата на културата Виена, во режија и драматизација на светски познатиот Андриј Жолдак, на вечерва на сцената на МНТ со почеток во 20 часот ќе се одигра македонската премиера.

Претставата зборува за еден човек кој се бори со своето минато, гревови и фантазии. Во еден момент од животот добива шанса наречена Соларис при што го доживува најстрашниот кошмар и има можност да се изгуби повторно. Тој преминува во алтернативно постоење, паралелна реалност,  во која се соочува со различни значења во неговата психа: Реја, девојче, неговата свест, Соларис и нешто што не може да се именува.

Верзијата на претставата Соларис на Андриј Жолдак е визуелен театар, медитација на темата за човечката осуда и спасение. Таа е одење по јаже, на кое на едниот крај е реалноста, а на другиот фантазијата. Јажето – клопчето на Аријадна во лавиринтот – е составено од сеќавања за љубовта и загубата. Оваа претстава е оригинална и базирана на еден концепт кој во голема мера се разликува од оној на Лем или на Тарковски.

Сето ова  е прикажано преку живата актерска игра на веќе докажаните: Дејан Лилиќ, Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Славиша Кајевски, Арна Шијак, Софиа Насевска - Трифуновска, Драгана Левенска и младите таленти/идни актери Дарио Ефтимовски и Калина Трипкова. Тие играат во просторот кој е решен сценографски, со видео проекција и камера во живо.

Сценографијата и дизајнот на светлото се на Моника Пормале и Андриј Жолдак, костимите и видео-концептот се на Даниел Жолдак, а автор на музиката е рускиот композитор Владимир Кликов.

Објавено:
26 септември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
115 пати