Вечерва во МНТ: Премиера на претставата „Народен непријател“ со Никола Ристановски и Звездана Ангеловска во главните улоги

9 мај 2022

На големата сцена на Македонскиот народен театар вечерва ќе се случи премиерата на „Народен непријател“, финалниот продукт од големиот и комплексен проект „Патиштата на хероите“.

Претставата е по текст од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.

Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател" (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман.

Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма.

„Народен непријател" отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај?Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно.

Во главните улоги се Никола Ристановски како др-Томас Стокман, лекар во општинската бања и Звездана Ангеловска, како негова сопруга.

Остатокот од актерската екипа го сочинуваат и:

Петра (нивната ќерка), наставничка - Дарја Ризова
Ејла, нивната средна ќерка – Јана Вељановска
Мортине, нивната најмала ќерка - Ана Арсовска
Петар Стокман (брат на лекарот), градоначалник и претседател на управниот одбор на бањата - Благој Веселинов
Мортен Кил (потатко на Катарина), кожар - Петре Арсовски
Ховстад, уредничка на „Народен гласник" - Сашка Димитровска
Билинг, соработник на „Народен гласник" - Александар Михајловски
Аслаксен, сопственик на печатница - Нино Леви
Капетан Хорстер - Мартин Ѓоргоски

Драматург: Тамара Барачков
Преведувач на драмскиот текст: Маја Трајановска-Ивановска
Сценограф: Вишња Вујовиќ
Костимограф: Ивана Каранфиловска-Угуровска
Дизајнер на светло: Крис Јегер
Композитор: Јоргос Дусос
Кореограф: Карис Пекливанидис

После премиерата, следната изведба е на 10.05. Инаку, проектот „Патиштата на хероите" е поддржан од програмата на „Креативна Европа", а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан. Со премиерата на „Народен непријател“ денеска, воедно ќе се одбележи и денот на Европа.

Билетите за изведбата на 10 мај се достапни онлајн на веб-страницата www.mnt.mk како и на билетарницата во Македонскиот народен театар

Фотограф: Кире Галевски

 

Објавено:
9 мај 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
133 пати