(ВИДЕО) Наскоро на ТВ: Нов забавен „Магазин“ во македонскиот етер

29 октомври 2020

Во сивото секојдневие исполнето со лоши статистики, грижи, криза, политика, конечно нешто ново и забавно во македонскиот етер.

Наскоро на телевизија Сител ќе започне со емитување дневната емисија „Магазин“.

Веќе познатите тв-лица, Јана Серафимова и Јелена Богојевиќ, ќе се потрудат да го задржат вниманието на гледачите 50 минути, нудејќи содржини кои ќе откријат како живеат славните, од што се плашат, на што се радуваат, како одговараат на прашања што досега никој не им ги поставил.

Ќе ја имаат помошта и од колегите Сања Димитровска и Александар Динев, кои ќе разговараат со медицински лица на тема здравје и здрави навики. 

Интересни животни приказни од цела Македонија, анкети, но и игри со граѓаните на улица, забавни одговори на незгодни прашања, како и награди се само дел од она што тимот на оваа емисија го најавува, а ќе се емитува секој работен ден, со почеток од 10 часот.

Официјалниот датум се' уште не е соопштен, но се радуваме што после долго време ќе има забавна емисија во домашна продукција и останува да видиме дали навистина ќе биде „отворено, искрено и без предрасуди“ како што ветуваат.

 

Објавено:
29 октомври 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
408 пати
Тагови: 
магазин