(Видео) Празнична убавина: Уживајте во спотот на Ленче Кукиќ за „Бисер“

21 јануари 2022

Прекрасната балада „Бисер" со која нашиот раскошен вокал Ленче Кукиќ ја започна соработката со „Гранд продукција" го доби и својот видео запис, објавен вчера на Јутјуб.

„Како што најавивме, еве денес на овој прекрасен ден Свети Јован, како честитка за именденот на мојот син Иван, излезе и видео записот за песната „Бисер" за Гранд. Благодарам до екипата со која работевме заедно: ЕЛЕНА ЛУКА – Елена Пандева, Ване Паланков, Кире Пиличев и Георги Кончалиев, бескрајно сум благодарна. Уживајте!", напиша Ленче на социјалните мрежи во најавата за новиот спот.

Убавата мелодија е заокружена со инспиративна визуелна приказна во која Ленче изгледа боженствено во три екстравагантни креации на ЕЛЕНА ЛУКА, брендот со кој таа официјално соработува за сите нејзини настапи за Гранд продукција.

„Јас сум 30 години во оваа професија и никогаш не сум добила ваков професионален третман, каков што ми обезбедија во ЕЛЕНА ЛУКА. Апсолутно сум воодушевена и од нивниот професионален пристап и од креациите што ги изработија специјално за мене. Тие комплетно се грижат за сите мои настапи во Гранд и знам дека сум во сигурни раце. Презадоволна сум од соработката" ни изјави Ленче непосредно пред излегувањето на спотот.

Една од креациите е во стилот на класичниот холивудски гламур, макси црна тоалета со минималистичка естетика, во суптилен крој што ја следи линијата на силуетата, потенциран со авангардни мрежести ракавици декорирани со впечатливи детали.

Ленче изгледа како вистинска дива и во вториот стајлинг, женствена макси тоалета од богато кадифе во темно сина боја, со впечатливо деколте и луксузен, корсетиран горен дел што му дава уникатен стилски акцент на целиот отмен изглед.

Третиот стајлинг специјално дизајниран за овој видео запис, е дефиниција за безвременска елеганција. Беспрекорно дизајниран, во совршен прав крој, фустан во црна боја со асиметрично поставена панделка на едното рамо финиширана со брош со логото на брендот ЕЛЕНА ЛУКА. Перфектно.

За потсетување, Ленче ја промовираше песната „Бисер" за време на божиќните празници во емисијата „Гранд парада".

Автор на песната е Хуса Бит Стрит, текстот е на Весна Петковиќ, а аранжаманот го изработија Јован Вукичевиќ и Сречко Митровиќ.

Уживајте во видеото.

 

Објавено:
21 јануари 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.796 пати