Виенски бал во Скопје на 14-ти мај

5 мај 2022

После пандемската сезона која ги паузираше сите културни случувања, годинава во своето стандардно издание повторно се враќа Виенскиот бал во Скопје.

Традиционално, по 21-ви пат ќе се одржи на 14-ти мај во хотелот „Александар Палас".
Организаторот, Здружението за културна соработка Јохан Штраус, со поддршка на  покровителство на амбасадата на Република Австрија во Република Северна Македонија, овозможува и македонската метропола да има свое, оригинално издание на Виенски бал.

Со тоа Скопје, веќе две децениии, е дел од мапата на светски метрополи кои ја негуваат оваа вековна австриска традиција.

Виенскиот бал во Скопје и годинава ќе ја задржи својата традиционална, хуманитарна нишка.
Во рамките на уметничката програма, оркестарот „Јохан Штраус" ќе музицира под диригенство на Бисера Чадловска. Грациозните танчери на Танцовиот клуб „Прима Данца" ќе имаат атрактивни танцови точки, а магијата на балетската уметност, на сцената на Балот, ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ, Саша Ефтимова и Балаш Локсеи.

Гостите ќе имаат можност да уживаат во настапот на танчерски пар - гости од Бугарија, Свинг бенд, а солисти ќе бидат Драган Бобиќ-Дексо и Калина Велковска.

Како и секоја година, дрес кодот на Виенскиот Бал во Скопје е задолжителен: долги тоалети за дамите и смокинг или темен костум за господата.

Водителката на балот, Вера Мештеровиќ, ќе носи креација на нашата етаблирана модна куќа ЕЛЕНА ЛУКА, (комплетен стајлинг за вечерната тоалета, шминка и фризура), а накитот ќе биде од Охридски бисери - Филеви.

Објавено:
5 мај 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
859 пати
Тагови: 
Vienski bal