Брзи тестови за посетителите

Виенскиот новогодишен концерт ќе се одржи и годинава , неизвесно дали ќе има и публика

16 декември 2020

Поради пандемијата беше неизвесно дали и на кој начин ќе се одржи традиционалниот Виенски новогодишен концерт.

За многумина најинтересниот дел од концертот кој најчесто има три биса, е последниот дел - Радецки маршот, кога публиката со ритмично аплаудирање учествува во изведувањето, но годинава е неизвесно дали таа ќе може да придонесе со своето присуство во салата.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Raluca Piteiu (@butterflyralu)

Официјална информација пристигна од директорот на Виенската филхармонија, Даниел Фрошауер, кој вели дека концертот ќе се одржи и според тоа како стојат работите во моментот, во салата која инаку има капацитет од 2.000 места, ќе има само 1.000 посетители.

За време на концертот сите ќе носат маски и ќе одржуваат дистанца според пропишаните рамки, а на влезот на секој од посетителите ќе му биде направен брз ковид-тест. 

Како објаснува директорот, сепак поради непредвидливоста на ситуацијата, не може со сигурност да се тврди дали таквата организација ќе успее да се реализира или пак, Новогодишниот концерт ќе биде изведен без публика.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Nancy Saulnier (@nancy.pixie)

Исто така, не е познато, со оглед на тоа дека картите се комплетно распродадени уште во првите денови на 2020, каков ќе биде принципот на одбирање на 1.000 луѓе кои би биле потенцијални посетители на концертот. 

Во секој случај, она што е дефинитивно сигурно е дека 81 издание на концертот ќе се одржи - со или без публика, под диригентската палка на италијанскиот маестро Рикардо Мути.

Оваа вест израдува многумина, бидејќи следењето на Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија е традиција. Поспаност, топол дом, пижами, кебе, кифли, руска салата пред телевизор и секако Виенски концерт - звучи познато нели :)?

За потсетување, концертот секоја година се одржува во Златната сала на виенскиот Музикферајн. Секогаш е посветен на делата на композиторите од семејството Штраус, а повремено се вклучуваат и дела на други композитори. Најчесто се изведуваат околу 12 дела.

Многумина го доживуваат ова музичко уживање како ведра порака за надеж и желба новата година да ни биде како најубава мелодија.

Објавено:
16 декември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
541 пати