Вистински уникати - фустани од коса

30 декември 2014

Швајцарецот Пабло Кумин е фризер, но и моден дизајнер истовремено, кој ги спојува овие две гранки. Како? Дизајнирајќи фустани од коса.

Иако има само 23 години, Кумин е еден од швајцарските модни дизајнери кои знаат како да останат во центарот на вниманието. Креациите што ги прави се направени од плетена и ткаена коса, а секое парче бара стотици часови работа.

Во почетокот младиот уметник користел коса од клиентите кои се шишале во неговиот салон. Денес, има свој спонзор кој му набавува коса и тоа најчесто од Индија.

Фотографиите од неговите фустани се објавени и во многу модни списанија.

Сепак, Кумин не е единствениот стилист кој дошол на идеја од косата да изработува облека. Неколку британски дизајнери го направиле тоа пред него, меѓу кои и Џоди Бридс. Таа дизајнираше фустан кој го носеше една од финалистките на изборот за убавина Мис на Англија во 2012 година.

Овој тренд го популаризираше и кој друг ако не Лејди Гага, која во 2010-тата во Њујорк настапи во фустан од прамени од коса.

Погледнете како тоа го прави овој млад Швајцарец.

Објавено:
30 декември 2014
Категорија: 
Култура