Error message

Во фокусот овој викенд: Црвениот килим на Сараевскиот филмски фестивал

15 август 2022

Викендот помина во знакот на отворањето на 28-то издание на престижниот Сараевски филмски фестивал, кој и годинава на едно место ги обединува најзначајните регионални и светски имиња од сферата на кинематографијата и нуди фестивалска атмосфера еднаква на онаа на светските филмски фестивали.

Главна ѕвезда која вчера прошета на препознатливиот црвен килим со етно мотиви, беше најпознатиот дански актер Мадс Микелсен, на кој му беше врачена наградата „Почесно срце на Сараево" пред проекцијата на филмот „Лов" во кој тој ја толкува главната улога. Оваа награда актерот ја доби во 2020 година, но му беше врачена вчеравечер поради претходните рестрикции што ги наметна пандемијата.

Годинава, оваа награда ќе му биде врачена и на познатиот американски актер Џеси Ајзенберг познат и по улогата на Марк Закерберг во филмот „Social Network".

Официјалната програма беше отоврена со проекција на филмот „Triangle of Sadness" на шведскиот режисер Рубен Остлунд, на кој исто така му беше врачено „Почесно срце на Сараево", а претходно се закити и со Златна палма на 75-от Кански филмски фестивал.

На СФФ годинава ќе бидат прикажани вкупно 235 филма од 62 земји во 19 програми, од кои 54 имаат светска премиера. За наградите „Срце на Сараево" ќе се натпреваруваат вкупно 51 филм.

Вчера на црвениот килим продефилира и македонската актерка Сара Климоска, како дел од тимот на српската ТВ-серија „Мочуриште 2" (Mocvara 2) во режија на Олег Новковиќ, а ја игра улогата на Елена Настева. За оваа улога Сара беше номинирана за наградата „Ѕвезда во подем", заедно со актери од шест регионални ТВ-серии. Во оваа категорија признанието го доби актерот Јован Јовановиќ за серијата „Чудна љубов".

Црвениот килим на овој фестивал носи посебни вибрации, обединувајќи ја светската и регионалната модна сцена. Овој килим е прилика светот да ги запознае не само регионалните филмски ѕвезди, туку и регионалните модни дизајнери и модни куќи од кои некои веќе имаат и светска кариера, но некои се сѐ уште анонимни за глобалната модна индустрија. Па затоа голем дел од јавните личности кои чекорат по црвениот килим, се одлучуваат за креации на домашни дизајнери. Меѓу познатите кои веќе зачекорија овој викенд по пропознатливата патека со етно мотиви и оставија свој моден печат се и: актерите Лана Бариќ, Јасна Џуричиќ, Никола Којо, Татјана Шојиќ...

Гламур потенциран со индивидуалност се модните впечатоци од првите три дена на фестивалот кој секоја година ни носи возбудлива мода, а дел од амбиентот ви пренесуваме и преку фотографиите во продолжение.

СФФ се затвора на 19-ти август, а истата вечер пак фокусот на филмската јавност се префрла кај нас, на отворањето на исто толку престижниот Интернационален фестивал на филмската камера БРАЌА МАНАКИ во Битола.

Фото: https://www.sff.ba/, Инстаграм/фејсбук SFF

Објавено:
15 август 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
550 пати