Во универзумот на студентите на ТМФ: Сплотена уметност со силна симболика

17 јуни 2022

Вчеравечер бевме сопатници на едно необично патување низ универзумот на новата генерација студенти на Технолошко-металуршкиот факултет на Институтот за дизајн и инженеринг на облека, под менторство на професорката Лидија Георгиева.

Меѓу виртуелното и опипливото, меѓу фантазијата и реалноста, студентите креираа своја проекција за свет во кој и покрај сите технолошки придобивки на новото време и животот на далечина, допирот и непосредната комуникација остануваат есенција на нашето човечко постоење.

Симболично оваа порака ни ја пренесоа преку нивната сплотена уметност како одговор на прашањето „Метаверзум или Универзум?", па во перформансот сцениран во дворот на факултетот, покрај традиционалната завршна модна ревија на идните модни дизајнери, беа вклучени и студенти од Филолошкиот факултет, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за ликовни уметности, секој од свој аспект додавајќи нов слој уметност за на крај да добиеме една хибридна целина во која секое делче хармонично функционира.

Пред публиката се испреплетуваа димензии на модната, драмската и ликовната уметност, постојано упатувајќи на поврзување и носејќи ја публиката низ различни доживувања на новото време.

Додека на писта ги гледавме индивидуалните интерпретации на темата на студентите по моден дизајн, нивните колеги од ФЛУ директно сликаа на парчињата поставени на кукли пренесувајќи ја својата визија, а во меѓувреме актерската игра на студентите од ФДУ го разбранува амбиентот со отворени прашања: во која насока ќе продолжиме, кој е нашиот избор?

Интересно беше да се види како идните модни дизајнери различно и неконвенционално го доживуваат времето во кое сѐ и сите надежи се оставени на нив и на нивната генерација. Низ футуристички очила ѕирнавме како индивидуалноста е силно изразена и како не се плашиме да експериментираме и да го поставиме во ист концепт и навидум неспоивото, да направиме нешто ново од нешто постоечко, да бидеме инвентивни и свои, а во постојана поврзаност со другите. Меѓу прикажаните модели на писта посведочивме и на романтична естетика и на спортски дух спакуван во надреалистична спортска униформа и на одржлива мода и на тридимензионално моделирање... Видовме различност што функционира заедно. А тоа е надеж за еден поубав свет, ќе се согласите?


Во своето објаснување на идејата, од Институтот за дизајн и инженеринг на облека велат:

-МЕТАВЕРЗУМ ИЛИ УНИВЕРЗУМ? Ова прашање им го поставивме на нашите студенти, под менторство на професорката Лидија Георгиева. Не ги очекувавме и бевме изненадени од одговорите кои ги добивме, но затоа пак среќни сме што прашавме. Иако не се воздржуваат од употреба на сите најнови технолошки достигнувања, генерациите кои доаѓаат сепак го преферираат човечкиот контакт - постои надеж. Сепак, изминативе години, поврзаноста помеѓу нас беше важна повеќе од кога било. Некои изминатиов период го доживеаја како можност за забрзана експанзија на технолошкиот напредок, но некои како изолација и недостаток од човечки контакт. Идејата за метаверзумот ќе еволуира, ќе се менува, како што ќе се менува начинот на којшто ќе ја употребуваме оваа алатка. Но останува отворено прашањето дали употребата ни е наметната или сепак ќе успееме да го добиваме само најдоброто? Па да размислиме: Што е подобро? Виртуелно кафе во Њујорк или вистинско кафе дома? Но доколу веднаш можам да ја видам најновата изложба во МЕТ музејот во Њујорк, без да го напуштам својот дом, зошто да не поминам низ тоа задоволство? Често слушаме околу себе дека сите ние сме веќе малку сменети, па така, заедно со нас, ќе се менува и технологијата. Во која насока ќе продолжиме останува да покаже времето (доколку успееме да го дефинираме). Нашата ревија годинава решивме всушност да ја наречеме перформанс, преку кој ќе се обидеме да пренесеме силна порака. Токму поради изолираноста во којашто живеевме, сега сакаме да се поврземе од почеток и да создадеме нешто заедно. Па така, задоволство ни е да кажеме дека за прв пат, во нашиот проект се вклучени и студентите на Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет Блаже Конески, па воедно сакаме да изразиме голема благодарност за соработката до нашите колеги, професорите. Ние сме УКИМ, ние сме едно семејство.

Објавено:
17 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.381 пати