„Врба“ на Милчо Манчевски е македонскиот кандидат за „Оскар“

17 ноември 2020

Друштвото на филмски работници на Македонија соопшти дека филмот „Врба" на режисерот Милчо Манчевски ќе биде македонскиот кандидат за „Оскар" и тоа во категоријата за најдобар долгометражен интернационален филм за 2021 година.

Одлуката е донесена од Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар" при ДФРМ, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Дејан Лилиќ – актер, Тамара Котевска – режисер, Самир Љума – кинематографер, Мартин Иванов – монтажер, Иван Ѓоршев – мајстор на светло и Сања Арсовска – актерка.

Покрај остварувањето на Манчевски, во конкуренција биле и филмовите: „Ефектот на среќата" во режија на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот" на Арбен Тачи, „Кеиф" на Блаже Дулев и „Незо" во режија на Мерита Чочоли.

ДФРМ соопшти и дека кандидатурата на „Врба" за наш национален претставник во трката за престижната награда е прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука.

Инаку, „Врба" досега има освоено вкупно пет меѓународни награди, од кои изминатиов месец три – на шпанската премиера ја освои престижната „Сребрена палма“ во Валенција, додека пак во САД на фестивалот „Синквест“ наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест. Манчевски беше награден за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.

Најновото, деведесет и третото доделување на „Оскарите“, поради пандемијата на ковид-19, е поместено од вообичаениот термин во февруари, и ќе се одржи на 25 април 2021 во Лос Анџелес, а номинациите ќе бидат објавени на 15 март.

„Врба“ е шестиот игран филм на Манчевски, кој за потсетување, со „Пред дождот" во 1995 ѝ ја донесе на Македонија првата номинација за Оскар за најдобар странски филм, а македонски кандидати биле и неговите остварувања „Сенки" и „Мајки".

Македонската промоција на „Врба“ се случи на први ноември минатата година, а ѝ претходеше светската премиера на црвениот килим на Филмскиот фестивал во Рим во октомври 2019 година. Во моментов се емитува и во „Синеплекс“, па доколку не сте го гледале, ова е шанса да го сторите тоа.

За потсетување, документарецот „Медена земја" на Тамара Котевска и Љубо Стефанов кој беше наш претставник на годинашните „Оскари“, беше првиот филм во историјата на Оскарите кој доби номинации и за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм.

Објавено:
17 ноември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
126 пати