„ЗДРАВО СКОПЈЕ“: Запознај го градот и научи да го сакаш!

1 август 2019

„ЗДРАВО СКОПЈЕ“ е првиот интерактивен водич за нашиот град, посветен на едно незаборавно Скопје – од минатиот век до денес, со сите негови препознатливи локации, култни места и урбани легенди вредни за раскажување. 

Наменет и за млади и за стари, за носталгичари, туристи и истражувачи кои сакаат да го запознаат вистинскиот дух на Скопје. 

Книгата е во издание на Издавачки центар ТРИ и дело е на авторското дуо Кокидо, зад кое се потпишуваат Александра Шаровиќ-Атанасовска, автор на наградуваниот концепт ПланУМ, и Ружица Мандичевска-Руки, една од најзначајните македонски илустраторки. 

Овие стотина возбудливи страници се мала временска машина која ќе ве однесе на емотивно патување низ градот и минатото на скопјани. 

„ЗДРАВО СКОПЈЕ“ е исполнет со многу активности кои ќе ја разбудат вашата имагинација и креативност, а интерактивната мапа ќе ве одведе до сите најзначајни градски локации. Интересен дел од книгата се и рубриките кои ги претставуваат духот и обичаите на градот. Преку семејните традиции за заеднички ручек, начин на комуникација, игра, рекреација, говор, стил на облекување и живеење, се доловува позитивна атмосфера на заедништво и соживот кои Водичот особено ги истакнува и вреднува. 

Водичот имаше многу интересна и необична пикник промоција во Градскиот парк, а неодамна, по повод 56 години од скопскиот земјотрес, се одржа едукативна тура низ Градот со најмалите, следејќи ги локациите од книгата. 

Главната идеја за овој проект произлегува од отсуството на пишан материјал за богатата историја на градот, особено за деца. Преку „ЗДРАВО СКОПЈЕ“ младите генерации, на забавен и креативен начин, ќе го запознаат Скопје и ќе научат зошто е град што се сака.

Објавено:
1 август 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
188 пати