„Зелен клик“ - изложба што нè потсетува да размислуваме за природата

10 јули 2014

„Дрвјата се парадигма за животот, а фотографијата останува како неподвижен сведок на случувањата. Има луѓе кои дозволуваат да се случува бескомпромисна сеча, а се во можност да ја запрат. Но, има и луѓе кои го креваат својот глас и преку делата и фотографиите – реагираат. Ваквите акции, како оваа изложба, се многу значајни. Сметам дека кога сме обединети околу вакви заложби, мора да има резултати“.

Драги Неделчевски Драги Неделчевски

Со ваква оптимистичка нота, фотографот Драги Неделчевски, вчеравечер во културниот центар „Ку Ла“ ги сподели своите впечатоци за групната изложба „Зелен клик“ која се отвори синоќа  во организација на Платформата за активизам, „Лице в лице“, а во чии рамки се најде и неговото дело, фотографијата „Убиство во Алејата на великаните“.

Оваа творба беше во друштво на уште други 14 дела на наши познати уметници - стрип цртачот Тхе Мичо, фотографите Наташа Гелева,Томислав Георгиев, Роберт Атанасовски, Огнен Теофиловски и Виктор Поповски, ликовните уметници Зоран Инадески, Георги Равански и Горан Ристовски,  дуото што изложи накит од електронски отпад „Меи Ро“ - Сандра Јовановска и Маја Стојковска, кои твореа на тема екологија, а кои имаат за цел да ја зголемат граѓанската свест за заштитата на животната средина. Публика непрекинато  и заинтересирано циркулираше низ просторот на „Ку ла“, каде свое место најдоа и наградените дела од повикот „Лице в лице со животната средина“, кои говорат за одредени еколошки проблеми кои се присутни во земјава.

накит од електронски отпад „Меи Ро“ - Сандра Јовановска и Маја Стојковска накит од електронски отпад „Меи Ро“ - Сандра Јовановска и Маја Стојковска

-Нашата намера со „Зелен клик“ не е да критикуваме, туку да покажеме, низ дела, како нештата можат да бидат подобри и да понудиме решение. Граѓаните гласаа за своите фаворити, и ги одбраа најдобрите, а посебно ни значи што идејата зема многу широк замав на социјалните мрежи – рече Климентина Илијевски, извршна директорка и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.

првонаградениот Филип Неделковски со фотографијата „Секира“ првонаградениот Филип Неделковски со фотографијата „Секира“

Во рамки на изложбата беа прогласени и најдобрите. Првонаграден е Филип Неделковски за фотографијата „Секира“, второнаграден е Петар Видоевски за фотографијата „Вдиши длабоко“, додека третонаградена е Бојана Алексиевска за фотографијата „Лет во негрижа“. Посебно признание доби Славица Панова за фотографијата „„Збогување со жолтиот локвањ“

второнаградениот Петар Видоевски со фотографијата „Вдиши длабоко“ второнаградениот Петар Видоевски со фотографијата „Вдиши длабоко“

третонаградената Бојана Алексиевска со фотографијата „Лет во негрижа“ третонаградената Бојана Алексиевска со фотографијата „Лет во негрижа“

Во опуштената атмосфера на културниот центар „Ку Ла“, и во присуство на бројни пријатели и поддржувачи на „Лице в лице“ истата вечер се случи и промоцијата на 11. издание на активистичкиот магазин,  кој овој пат, за разлика од претходните насловни страници, излезе со кавер каде се најдоа познати јавни личности кои го промовираат велосипедот како пријател на човековото здравје и чиста околина, меѓу кои и Ана Јовковска, Верица Андреевска – Спасовиќ, Биљана Гинова, Јована Тозија, Ненад Тонкин и Костадин Шурбановски.

Во продолжение погледнете ги најдобрите фотографии што се најдоа во потесниот избор, како и победничките.

Зборување со жолтиот локвањ на Славица Панова Збогување со жолтиот локвањ на Славица Панова

фото: „Лице в лице“

Објавено:
10 јули 2014
Категорија: 
Култура