Жените на амбасадорите во Македонија со концерт во Македонска филхармонија

31 мај 2018

Во Македонската филхармонија овој петок , на Меѓународниот ден на детето, ќе се одржи еден несекојдневен концерт насловен како „Listen with your heart' (Слушни ме со срце). Сопругите на дел од амбасадорите во Македонија, ќе одржат заеднички музички настан, со што ќе имаме можност да ги видиме во поинакво издание.

Билјана Стафансон (сопрано), сопругата на шведскиот амбасадор, Зузана Ѓурина (флејта), сопругата на унгарскиот амбасадор, Љиљана Миловановиќ Јовановиќ (сопрано) од српската амбасада, Јури Нарита (пијано), сопруга на заменикот амбасадор на Јапонија и нашата врвна пијанистка Елена Атанасовска Ивановска се учесниците кои ќе приредат вистинско музичко уживање, а настанот ќе има и хуманитарен карактер.

„Средствата од концертот ќе бидат наменети за децата со оштетен слух и говор во училиштето ЗРДОС ДПРП "Кочо Рацин", Битола. Инаку, настанот ќе се одржи во оркестарската сала на Македонската филхармонија. Музичкото уживање ќе трае околу еден час, а на истото му претходи коктел. Сакам да напоменам дека овој настан е пред-настан на Меѓународниот добротворен Базар, кој ќе се одржи следниот ден, на 2.јуни во ГТЦ, со почеток од 11 часот“, ни откри Емилија Миладинова, директор на здружението „Добредојде“ - Macedonia Welcome Centar (DMWC), кое воедно е и организатор на настанот. 

Ова не е првпат Емилија да биде вклучена во хуманитарни проекти, ја прашавме дали предизвикот да се организира настан од хуманитарен тип се менува низ годините, заедно со свеста за маргинализираните групи:

-Секој почеток има прв чекор, така би ја опишала состојбата на општествената одговорност во нашата држава. Многу бавно се менува свесноста да се помогне на другиот, на тој што му е потребно...Имам впечаток дека сите се согласни дека треба да се помогне на маргинализираните групи но кога се бара волонтерска работа ретко кој се одлучува на подршка. Јас лично припаѓам на групацијата на луѓе кои сакаат да бидат активен дел од промената, дел на хуманиот свет .Се придржувам кон онаа на Махатма Ганди „Бидете промената што сакате да ја видите во светот“.

Со оглед на тоа дека се работи за дипломатски кругови, ја прашавме и околу дрес-кодот што мора да се почитува и што е она што никогаш не смее да се пречекори кога е облекувањето во прашање:

-Во време на динамичен свет и многу обврски можам да забележам дека дипломатите стануваат сè попрактични во нивниот дрес-код . Она што е важно е да се биде прикладен во содветна прилика. Конкретен настан носи соодветен дрес-код. Многу пати тоа е и јасно посочено и напишано во поканите кои се праќаат за соодветен настан - вели Миладинова.

Концертот е со почеток од 18.30 часот. Коктелот е од 18 часот. Билетите можат да се набават на билетарата на Македонска филхармонија по цена од 600 денари.

 

Објавено:
31 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
140 пати