Теодора Митровска од Лондон се враќа во Скопје со колекцијата „We are not machines“

24 октомври 2018

Со Теодора Митровска имавме прилика да се запознаеме пред неколку години, кога вниманието ни го привлече со својата неконвенционалност во дефинирањето на блогерскиот стил.

Неколку години подоцна, благодарение и на искуството стекнато на модните студии на „Middlesex University" во Лондон, модната блогерка Теа созрева во млад моден дизајнер кој има сериозен и амбициозен пристап во пренесување на својата идеја за различност и поинаквост во контекст на моден дизајн. Токму нејзината потреба за неконвенционален моден израз ветува нова и свежа енергија на модната сцена.

Вчера, на Модната недела во Рига, Латвија ја промовираше својата колекција „We are not machines" со силна етичка и естетска природа.

Всушност колекцијата го адресира проблемот на експлоатација и ефтината работна сила во текстилните фабрики и го поставува прашањето: кога работникот преминува во машина, од етички и физички аспект.
Моделите во својата естетика силно се поврзани со работничката униформа на текстилните работници, притоа со акцент на нивната мултифункционалност, повеќеслојност и безродовост. Тоа што ќе го забележите од прва рака, е нејзиното кокетирање со уличната мода, каде веројатно оваа колекција природно би се вклопила.

Џинсот е доминантен материјал користен во дизајнот на колекцијата, надополнет со ПВЦ материјали, индустриска гума, акрил пластика...

Ја прашавме Теа за искуството во Рига:

-Пристигнав во Рига пред помалку од 24 часа и директно отидов на Модната недела. Прекрасно, професионално искуство... Уште не можам да дојдам на себе, од позитивни впечатоци. Со мојата ревија бев дел од отворањето на RFW, а утре ќе учествувам и како дел од нивниот showroom. После тоа патувам за Скопје.

А Теа во Скопје доаѓа за да ја презентира истата колекција и во рамките на Модниот викенд Скопје, со што и домашната публика ќе има можност да се запознае со нејзината работа.

Инаку Теа годинава дипломираше на Middlesex University во Лондон, што за неа било од суштинска важност во дефинирањето на нејзиниот профил како млад моден дизајнер.

-Лондон беше од исклучителна важност, вклучително и кога е во прашање концептот на колекцијата. Мислам дека во ниту еден друг случај немаше да го имам комфорот да експериментирам со материјали и форми.

Нејзината ревија е закажана за 2. ноември во хотелот „Мериот“ во рамките на 18-от FWSK.

Фото: Mark Litvyakov

Објавено:
24 октомври 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
206 пати