Шведската Ана Винтур носи револуција во семејството на „Вог“: Време е модата да посвети повеќе простор на повозрасните жени

21 септември 2020

Скандинавските земји од претстојната пролет 2021, за прв пат ќе имаат свое издание на етаблираниот магазин „Вог". На чело застанува 54-годишната уредничка Мартина Бониер со завидна 30-годишна кариера во модниот бизнис и модните медиуми.

Таа јавно веќе излезе со свој став за тоа во кој правец ќе се движи ова издание на „Вог" – јасно и концизно ќе биде огледало на културолошките и социолошките принципи на скандинавските земји, отворено, либерално, демократско, со подеднакво посветено внимание на различностите и маргинализираните групи на било која основа.

Тука доаѓаме и до моментот што уредничката во разговор за Daily Mail го потенцираше: модата треба конечно да отстапи повеќе простор за повозрасните, средовечните жени.

Откако пред извесно време, уредничката на американскиот „Вог", Ана Винтур се соочи со критики дека не отстапува доволно простор за различностите, по што се извини и се заложи дека ќе ја смени таквата политика, новата уредничка на новото издание на магазинот е вистинско и добредојдено освежување со нови прогресивни идеи и концепт.

Изданието ќе биде на англиски јазик со цел да опфати што поширока публика и како вели Мартина, ќе биде со космполитски дух како што се и скандинавските земји.

Таа е гласен поборник за идејата дека жените не смеат да се „бришат" откако ќе дојдат до одредена доба во животот, туку напротив треба да се репер и пример од кој може да се учи. Па оттука, може да очекуваме многу содржини посветени на оваа таргет група.

Надополнува дека Скандинавците се практични и отворени луѓе кои немаат проблем да зборуваат за секс, стареење, еднаквост и табу теми кои сè уште се под превезот на цензурата.

„Ова нема да биде елитистички „Вог". Ќе биде реален и природен, одржлив", додава новата уредничка во разговорт за Daily Mail.

 

Инаку Мартина е позната и како „шведската" Ана Винтур поради нејзиниот авторитет и долгогодишно искуство во модниот свет. Очекувањата од неа се големи.

 

Објавено:
21 септември 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
896 пати