1.500 евра казна за норвешките ракометарки бидејќи одбија да носат бикини-гаќички

22 јули 2021

Деновиве во спортскиот свет актуелни се норвешките репрезентативки на Европското првентство во ракомет на плажа.

Имено, тие го привлекоа вниманието не само на спортската јавност, затоа што одбија да носат бикини-гаќички и одлучија да се појават во кратки панталончиња, за што беа и казнети.

Спортистките сметаат дека е сосема неприкладно и погрешно во денешно време да им се „наредува“ на жените да носат разголени униформи, додека пак мажите играат во широки шорцеви и маици.

Тие порачаа дека го креваат гласот со надеж дека ќе поттикнат менување на регулативите во овој спорт.

Ракометарките пред почетокот на натпреварувањето побарале дозвола за промена на спортската униформа, но не добиле одобрување и им било посочено дека доколку не ги почитуваат правилата ќе бидат или казнети или дисквалификувани. 

И покрај ваквите предупредувања, Норвежанките се појавија во кратки панталончиња.

Последицата е казна од 150 евра по играч, односно вкупно 1.500 евра, со образложение дека „настапиле во несоодветна облека“.

Ракометарките се се' уште на ставот дека треба да им се овозможи да се натпреваруваат во иста облека како и мажите, посочувајќи дека многу од жените се откажуваат од спортот токму поради тоа што не се чувствуваат пријатно во минијатурните гаќички, односно се чувствуваат премногу „изложено“

Министерот за спорт на Норвешка, Абид Раја ја оцени казната како „премногу смешна“.

„Ова е неверојатно! Неопходно е да се сменат тие мачо и конзервативни ставови во меѓународниот спорт", напиша министерот на Твитер.

Норвешкиот ракометен сојуз застана зад своите членки, поддржувајќи ја нивната борба за промена на ставовите.

„Стоиме зад вас и ја имате нашата поддршка. Заедно ќе продолжиме да се бориме да ги промениме меѓународните регулативи за облека, со цел играчите да може да се натпреваруваат во облека во која се чувствуваат удобно“, се вели во дел од соопштението на Федерацијата, која исто така се изјасни дека ќе ја плати казната на ракометарките и додава дека е смешно да се зборува за вакви теми на ваков начин во 2021 година.

Пораки на поддршка доаѓаат и преку социјалните мрежи. Истаграм профилот на екипата деновиве брои огромен број пораки на поддршка.

И покрај казната, сепак поради „бурата“ која ја предизвикаа, нивниот глас беше слушнат.

Европската ракометна федерација (ЕHF) преку нивниот портпарол Ендрју Барингер, порача дека како институција “се посветени на решавање на овој проблем“, но воедно истакнуваат дека правилата може да се менуваат само на ниво на светската организација IHF.

Ракометот на песок, на меѓународно ниво, преку натпревари се игра од 2004 година и се' уште не е дел од олимписките спортови, за разлика од одбојката на песок, кој е олимписки спорт од 1996 година.

 

Објавено:
22 јули 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.510 пати