Златна бубамара: Четири часа илузија за ПОДОБАР ЖИВОТ

23 февруари 2018

„21 издание во 21 век за ПОДОБАР ЖИВОТ“ гласи мотото на годинашната „Златна бубамара на популарноста“, кој се одржа вчеравечер во „ВИП Арена Борис Трајковски“. Ново место, нова власт, а со тоа ново сценарио и нови исчекувања за тоа како ќе изгледа ова издание на една од најпопуларните манифестации кај нас.

-Добро вечер љубители на добра музика, почист воздух и поубав живот. Ни ги затворија „Универзална сала“ и „Метрополис“, ни остана „Борис“. Како за прв пат тука, се потрудивме да изгледа сè величествено. Вечерва ќе ви понудиме илузија за подобар живот во четири часа – ги поздрави присутните организаторот на манифестацијата, Ранко Петровиќ.

По него, се појави и Кирил Поп Христов – Кили, кој не ја пропушти шансата да го изрази своето задоволство што повторно е дома.

Инаку, како пренесоа организаторите, на годинашното издание на „Златна бубамара“ се појавија 350 луѓе на сцената – музичари, актери, спортисти, тв-лица, танчери...

На сцената ги видовме и „Дубиоза колектив“ во друштво на Џамбо Агушев, а организаторите го наградија и списанието „Остен“ кое постои од 1945 година, и чиј основач помеѓу другите е Блаже Конески.

Уживавме во спектакуларниот настап на Тијана Дапчевиќ која освои Златна бубамара за „Најдобар мултимудијален уметник" во регионот, што се доделува за прв пат. Тијана ја освои сцената со диско перформанс и комплетен сценски изглед што ја следи темата на диско ерата во 70-те години, а зад кој се потпишува модната куќа Елена Лука со која Тијана во повеќе наврати има успешни соработки.

Дани Димитровска ја доби Златната бубамара за „Најдобар албум на годината“  - „Град за љубов“, а со громогласен аплауз и овации беше поздравена и Маја Оџаклиевска. Таа ја доби наградата за „Трајни вредности“, а повторната средба со публиката пробуди емоции.

-Енергијата што е препознатлива за моите настапи, ја насочив кон мојот внук, кој има осум години. Мојот глас не е во најдобра форма, бидејќи изминативе осум години не ми беше многу до пеење. Но, Ранко ме убеди дека треба да настапам и ви благодарам за поддршката што ми ја давате – искрена беше Маја, која ги испеја „Многу солзи исплакав“ и „Да будеш једнако добар“.

Наградата пак, за „Животно дело“ им припадна на членовите од групата „Октет Македонија“, кои покажаа дека сè уште се во одлична форма.

-Кој вика сме се иселиле. Порано нè собираше во „Универзална“, сега „Борис“ не нè собира – беа зборовите со кои Сашко Коцев се појави на сцената, секој пат дочекан со долг аплауз и нетрпение.

Тој ја продолжи приказната во насока на политичките случувања од изминатата година, со сатиричен осврт во негов препознатлив стил.

Проблемите што ги имаме, прикажани на хумористичен начин, ги прекина Влатко Стефановски, кој на сцената се појави со Дадо Топиќ.

Влатко со себе го имаше и омотот од првиот албум на рокерот и маркер за Дадо да го потпише. Гитаристот додаде дека една од најубавите песни за Македонија е токму истоимената од Дадо.

-Многумина мислат дека сум Македонец, токму поради таа песна, што ме радува. И жал ми е што не сум, бидејќи вие сте полни со емоции и музика – изјави Топиќ.

Во салата ја слушнавме и темата од култната серија „Бољи живот“, согласно со темата на вечерта.

Следеше блокот награди од актерската фела, а ги додели Синоличка Трпкова. Филм на годината е „Исцелител“, актерско откритие на годината е актерот Благој Веселинов, додека за актер на годината е одбран Александар Микиќ. Во женска верзија на наградата тоа е Нина Деан, а серија на годината е „Марковски“.

Слаткар пак, замина дома со две награди и тоа за „Видео спот на годината“ и „Интернационален успех“.

-Благодарност до целиот тим со кој соработувам, до мојата прекрасна сопруга Сања и мојата прекрасна мајка Лилјана. Мојот татко нè напушти минатата година. Неговото име е Боривоје Маринковиќ и овие награди му ги посветувам нему. Тато, ова е за тебе! – рече Марко Маринковиќ – Слаткар.

Игор Џамбазов ја потсети публиката и на оние со кои се збогувавме минатата година, а тоа се Зоран Милосављевиќ, Саша Николовски – Ѓумар и Иван Карадак, а за нив прозбореа и Бранка Костиќ Марковиќ и ќерката на Карадак, Марта Марковска.

„Вардарски пастуви“ е претставата на годината.

Со изведбата на Наум Петрески и Виолета Томовска, потпомогнати од Академскиот хор „Мирче Ацев“ на песната „Ој Вардаре македонски“ на сцената беа повикани сите членови на ракометниот тим „Вардар“, најуспешниот спортски тим за 2017 година.

Од Раул Гонзалес до Столе Стоилов, публиката ги поздрави спортистите на нозе, со громогласен аплауз и овации.

Новиот блок награди беше резервиран за „Најдобрата тв сатирична емисија“ – „Фчерашни новости“, додека „Најдобра тв емисија“ е „Еден на Еден“. „Најпопуларна тв-серија“ за 2017 е „Инсајдер“, додека „Најдобар тв -проект“ е „Патот на успехот“, чиј водител е Мишко Иванов.

Покрај Дадо Топиќ, второто изненадување на вечерта беа дел од членовите на групата „Нови Фосили“,  кои ја примија наградата за „Трајни музички вредности“ и ја потсетија публиката на дел од нивните најголеми хитови.

-Во Скопје сме после 28 години. Се надеваме дека ќе се видиме повторно, бидејќи едни од најубавите професионални спомени нè врзуваат токму за тука – рече Сања Долежал.

Валентино Костадиновски – Тино нè упати во дејството на дел од многуте ракии што се пијат овде меѓу кои и „Шилеговача“, „Коцевача“, „Грујовача“, „Дрисловача“....

Сашко Коцев пак, успеа да го одржи доброто расположение со тоа како не им верува на холивудските филмови, но и тоа како малиот прст на нозете не служи за ништо друго освен за проверување на цврстината на мебелот.

И на ова издание на „Златна бубамара“ имаа чест повторно да настапат и да придонесат за добрата атмосфера членовите на групата „Меморија“, кои ја добија наградата за „Концерт на годината“.

Во изведба на Поце и Дадо Топиќ, публиката се потсети на култниот хит „Македонија“.

Наградата за „Мјузикл на годината“, која беше наменета за „Мама Миа“, беше последната „Златна бубамара“, а со звуците и дел од сцените од мјузиклот, публиката се збогуваше со 21-то издание.

Повторно се насмеавме на своја сметка. Се насмеавме на проблемите со кои секојдневно се соочуваме и нè бомбардираат медиумите, се насмеавме на сметка на политичарите, а оние што вредно работеле изминатата година, публиката ги награди со громогласни аплаузи.

Оние пак, што не успеаја во живо да ја следат оваа 21-ва „Бубамара на популарноста“, „че си седат“ дома и ќе можат да го сторат в недела на Канал 5 телевизија, со почеток од 19.45 часот.

 

Објавено:
23 февруари 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
10.419 пати