25 „Златна бубамара“ во знакот на емоциите и трајните вредности

13 мај 2022

„Златна бубамара на популарноста“ или некој ќе рече „Македонските оскари“ се единствената манифестација од овој тип на која ѝ успеа да опстои 25 години.

Ранко Петровиќ и екипата со која работи, две и пол децении на публиката ѝ овозможуваат да се насмее на сопствената мака, да се расположи со добра музика и да уживаат од срце во четиричасовно (понекогаш и повеќе) шоу.

И токму Петровиќ и на оваа јубилејна „Бубамара“ им посака добредојде на присутните во салата „Борис Трајковски“.

-После две години пауза, да го доживуваме овој ден како ослободување - од мерки, од маски, од затвореност и конечно „Да живнеме“.

А во тоа дефинитивно помогна Сашко Коцев, без кого овој настан и не може да се замисли. На нему препознатлив, автентичен начин, нѐ прошета низ политичките гафови, правејќи одлична пародија на дел од случувањата на политичката сцена, но и секојдневниот живот.

Вам кои не бевте присутни во салата и ќе ја гледате манифестацијата за неколку дена, би можеле да ви најавиме мошне автентичен фото-албум на Ранко и Сашко, проследен со многу доживувања: Возење мотори, пикник со ајвар и путер со поминат рок, летувања...

Сепак, пред да бидат упатени аплаузите кон Сашко, симпатиите на публиката ги освои малиот извидник Петар. Неговото појавување на сцената го најави Петар Грашо, а присутните не ги штедеа аплаузите за момчето кое со својата искреност и спонтаност го освои народот. 

Нему му припадна честа да додели дел од наградите - за најпопуларна анимирана серија (Биби и Боби), најдобра детска емисија (Дајте музика) и најпопуларен тинејџерски хит (Дајте музика и Green forces).

 

На крајот, на публиката ѝ порача: „Јадете здраво, одете на планина и носете си резерва бурек“.

Тино и Атанас имаа изненадувачки кратка точка, но мошне впечатлива, а впечатливо беше и уживањето и спонтаноста на сцена на Коцев, кого изгледа средбата со публиката го радуваше.

Ваков јубилеј не може да помине без емоции. Оваа „Бубамара“ помина во знакот на наградите за трајни вредности. И самата би можела да си додели една таква, а годинава сепак овие награди беа посветени на Ристо Самарџиев, Васка Јанковска,Жељко Бебек, Наум Петрески, Аки Рахимовски, Блага Петревска, како и оние за животно дело на Љупчо Трајковски Фис и Ферус Мустафов.

Емотивна вечер и за Игор Џамбазов, кој и оваа година се потсети на оние со кои се збогувавме минатата година, а меѓу нив беше и неговиот татко, маестро Александар Џамбазов. Со изведба на една од неговите најпознати песни, и низ фотографии, уште еднаш се потсетивме на овој маестрален музичар.

Ништо помалку емотивно не беше ниту потсетувањето на Аки Ракимовски, Сабина Ајрула, Славиша Каевски, Тоде Новачевски...

А кога сме кај емоциите, публиката во салата со громогласни аплаузи и овации ги поздрави момците од македонската фудбалска репрезентација, како и олимпиецот Дејан Георгиевски. 

Многу убава музика и одлични интерпретации на Наум Петрески, Фолтин, Ферус, Влатко Лозаноски (кој и ја отвори манифестацијата), Бебек, Влатко Стефановски, „Некст Тајм“ и уште многу други.

Ова е само дел од она што ќе гледате во телевизискиот пренос.

Шоуто на Коцев не е нешто што се прераскажува, затоа и нема да се обидуваме и ќе оставиме самите да си ги создадете впечатоците.

Мораме да бидеме искрени дека за јубилејот потајно се надевавме дека ќе видиме некоја точка со сите водители на „Бубамара“, но сепак ќе остане желба за следниот.

Како и да е, „Бубамара“ ќе остане настанот кој убедливо буди интерес, делумно затоа што нема конкуренција, но и затоа што стана традиција и нешто што народот го сака. Ни малку не е лесно да се остане конзистентен во Македонија, а ним тоа им успеа. Сигурно е дека инспирација и аплаузи нема да им недостасуваат и за следните 25 години. Она што се надеваме (покрај споменатите водители) е да уживаме во „Бубамара“ со скратено времетрање, но „продолжени“ седишта во некоја нова сала за културни случувања.

Златна бубамара за:

Најпопуларна анимирана серија - Биби и Боби

Најпопуларна детска емисија - Дајте музика

Најпопуларен тинејџерски хит - Дајте музика

Музички трајни вредности - Ристо Самарџиев

Трајни музички вредности - Васка Јанковска

Херои за 2021 - Македонска фудбалска репрезентација

Трајни музички вредности - Симон Трпчевски

Трајни музички вредности -Жељко Бебек

Еко емисија - Агенда 21

Најпопуларно новогодишно шоу - Преспав

Животно дело - Ферус Мустафов

Животно дело - Александар Трајковски Фис

Трајни музички вредности - Наум Петрески

Композитор на годината - Николче Мицевски

Спот на годината - Некст Тајм за „Кога падна на Пирина"

Спортист на годината - Дејан Георгиевски

Дует на годината - Дац и Александар Митевски

Трајни музички вредности - Благица Павловска

Џез соработка - Тавитјанови

Среќна 25 ка “бубамарци“, ви благодариме и ви посакуваме уште многу јубилеи!

 И уште неколку фотографии од атмосферата погледнете во галеријата подолу:

 

Објавено:
13 мај 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
13.530 пати