50 Мајски оперски вечери: Црвен килим со поголема модна смелост од вообичаеното

10 мај 2022

Во Националната опера и балет вчеравечер беа отворени 50 Мајски оперски вечери. Со свечено палење на оперскиот оган, чест која годинава ѝ припадна на оперската примадона Милка Ефтимова, се отвори и ова јубилејно издание на единствениот оперски фестивал на Балканот, а и пошироко.

Присутните пред платото на НОБ, ги поздрави генералниот директор на институцијата, г-н Васо Ристов, како и министерката за култура, г-ѓа Бисера Костадиновска - Стојчевска.

И двајцата ја посочија важноста и автентичноста на фестивалот, оддавајќи им почит на сите оние што ги поставија темелите на фестивалот.

- По две тешки пандемични години, кои нѐ лишија од нашите нормални животи, вечерва се подигна завесата на 50 издание на меѓународните Мајски оперски вечери. Јубилеј за почит.

Но, вечерва празнуваме уште еден јубилеј – 75 години од основањето на Македонската опера, која токму на овој ден пред 7 и пол децении ја изведе „Гоце" од Кирил Македонски, првата опера во главниот град на слободна Народна Република Македонија.

Не случајно Денот на победата, Денот на Европа го чествуваме и со еден ваков редок музички настан како што се Мајските оперски вечери. Зашто операта е неповторлива, незаменлива и со векови е на пиедесталот, вели во дел од своето обраќање министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Инаку, таа се појави во долг црн фустан со дискретен дезен, со широко здолниште и долги ракави. Едноставен во кројот, убаво ја истакнува нејзината фигура, но можеби ни недостасуваше малку накит или пак некој впечатлив моден додаток, како на пример брош, што ќе ја направи комбинацијата повпечатлива.

Голем број познати личности од јавниот живот присуствуваа на одбележувањето на овој значаен јубилеј.

Кога е модата во прашање, мораме да забележиле дека за разлика од некои претходни години, односно изданија, овој пат гостите навистина се потрудија да покажат елеганција и модна смелост.

Ако се споредуваме со светски настани со слична тематика, тогаш веројатно ќе речете дека дозата гламур, префинетост и елеганција треба да е далеку поизразена. 

Сепак, имајќи ги предвид домашните околности, а и минатогодишните изданија кога можевме да видиме комбинации со фармерки, несоодветни кошули и маици, овој пат се забележува дека гостите навистина имале желба да ја испочитуваат институцијата и манифестацијата на која се поканети.

Факт е дека голем дел од присутните оделе на сигурна карта и класика - црни коктел или долги фустани, комбинации со здолништа и сакоа.

Сепак, дека ниту црната мора да биде досадна, покажа една дама со кул наметка. На грбот пишува „Гламур“, а под наметката има интересен комплет во црно-сиви нијанси.

Забележливо е присуството на модна смелост да се одбере комбинација во боја или со дезен. Има и такви што се премногу „силни“ за пригодата, но коктел фустаните со принт, кошула-фустаните, комбинации со впечатливи детали, се дел од оние кои ни го привлекоа вниманието.

Интересно е што повозрасните дами се одлучиле за повеќе боја и една поинаква интерпретација на елеганцијата, отколку помладата генерација.

Генералниот впечаток е дека можеби ни недостасува комплетирање на изгледот. Изборот на фризура и шминка, во голема мера влијаат врз впечатокот. Постојат комбинации каде чевлите го расипуваат комплетно впечатокот или пак такви каде модните додатоци не го издигнуваат изгледот на повисоко ниво - напротив.

Исто така, голем број од дамите ги оптоваруваат рацете со палта, јакни и чанти. Палтото или се носи на тело, или се наметнува околу рамениците, но носењето во раце го расипува севкупниот впечаток.

Сепак, комбинациите маица и палто кај мажите или фармерки со високи потпетици и палто, како и невкусни мини фустани,  оваа година не ги видовме на отворањето, што е подобрување не само при изборот на парчиња, туку и во свеста за тоа каде се оди.

После официјалниот дел, гостите имаа можност да уживаат во трагичната опера во два чина „Норма“, под диригентската палка на Енрико Довико, а во режија на Ренато Бонајуто.

На сцената се појавуваат Благица Поп Томова, Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Иван Томашев, Марика Поповиќ, Дејан Стоев, како и хорот на Националната опера и балет, придружувани од оркестарот на националната установа.

За денеска, 11 мај во 20 часот е закажана втората изведба на операта.

50 Мајски оперски вечери завршуваат наа 31 мај со изведбата на „Аида“.

 

Објавено:
10 мај 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
12.087 пати