Ако модата имаше претседател, тоа ќе беше Ана Винтур

21 април 2017

Првата дама на модната библија Вог, Ана Винтур се појави на насловната страница на магазинот Business of Fashion фотографирана од нејзиниот пријател Патрик Демарчелиер.

На позадината е американското знаме, а уредничката на Вог носи кимоно од првата колекција на Раф Симонс за Калвин Клајн.

Насловено како „Америка“, печатеното издание на BOF е целосно посветено за политиката во модата денеска.

„Ако модата имаше претседател, тоа ќе беше Ана Винтур. Таа овој пат нѝ ја раскажува моменталната состојба на американската реалност“, вели Имран Амед, уредник на магазинот.

Кога станува збор за модата и политиката, таа досега неколку пати ги изненадила нејзините читатели со изборот на влијателни лица за насловните страници.

Таа и јавно ја поддржа претседателската кандидатка Хилари Клинтон, а на насловната на Вог дури три пати се појави и првата дама на САД Мишел Обама.

Покрај за политиката во модата, Винтур говори и за различноста на која ѝ се посветува сѐ поголемо внимание.

Сосема на крајот, Винтур говори и за тоа како е да се води магазин и да се биде дел од модата воопшто во време кога Трамп е на власт.

Во ноември годинава Ана Винтур ќе прослави 30 години работа на чело на модната библија, па тоа е сосема доволна причина да се најде на насловната на овој престижен магазин чиј број се очекува да излезе на 27 – ми април.

Објавено:
21 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
374 пати