Ана Фенди доаѓа на „Serbia fashion week“!

12 октомври 2016

На 11. и 12. ноември во рамките на „Serbia fashion week", во Нови Сад, Србија за прв пат доаѓа една од најголемите модни ѕвезди на денешницата, позната креаторка и симбол на светската мода, сопственичката на луксузниот бренд „Фенди", Ана Фенди.

Таа ќе ја претстави својата нова линија вино на настан од затворен тип, а исто така за време на модната недела во Нови Сад ќе претстави свој дизајн на керамика, стакло и порцелан од поставката „Topo table collection".

Инаку Ана Фенди е едно од најмоќните имиња во глобалниот моден свет, а брендот зад кој таа стои вреди 1,5 милијарди евра.

Родена е во 1933 година во Рим како една од петте сестри во нејзиното семејство, а нејзин соработник во последните 30 години е легендарниот Карл Лагерфелд.

Продолжувајќи ја семејната традиција која трае од 1925 година, и занимавајќи се со мода целиот нејзин живот, Ана го направи брендот Фенди познат низ целиот свет. Во 70-те години на минатиот век, логото на брендот FF стана светски симбол за „fabulous furs", а под нејзина супервизија се родија и новите идеи за машки колекции, нови модни линии модни додатоци итн.

Фенди и денеска важи за револуционерен бренд кога се во прашање новите материјали, бои, дезени...

Објавено:
12 октомври 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
188 пати