Ана Краш е новото лице на брендот & Other Stories

22 ноември 2014

Сестринскиот бренд на шведскиот гигант H & M, & Other Stories главната улога во новата кампања и ја додели на српската ИТ девојка Ана Краш која позираше во едноставни и многу практични парчиња.

Мултиталентираната уметничка која е неверојатно успешна во сите полиња во кои работи, меѓу кои и фотографијата, дизајнот, па дури и пеењето, уште еднаш се најде во улога на модел, откако минатата година ја презентираше новата колекција на Манго.

На првите фотографии што беа објавени од брендот, Ана изгледа вистински тренди во долго црно палто комбинирано со панталони и куси чизмички во иста боја, со главен акцент на темно црвените чорапи како фокус на комбинацијата. На другата фотографија, сосема во нејзин стил, таа носи лежерен и волуменозен црн џемпер и минимална шминка со „неуредна“ фризура.

Овој пат, таа ги презентира моделите од есенската колекција на брендот преку впечатливи Полароид фотографии на кои таа изгледа сосема опуштено и во ретро фазон, пишува српски Ел.

Имено, токму ваквите Полароид фотографии се и омилените на Ана, која пак се прослави ширум светот со нејзините автентични дизајни на ламби.

По завршувањето на студиите на Факултетот за применета уметност во Белград, Ана се сели во Њујорк каде и денеска работи и живее.

Нејзините ламби „Бонбонс“ ги освоија САД за многу брзо време, а покрај нив, Ана постојано работи на нови и креативни проекти преку кои ја изразува својата неверојатна фантазија.

Објавено:
22 ноември 2014
Категорија: 
Актуел