Ана Винтур: Целата приказна околу насловната беше наша идеја!

22 март 2014

Веруваме дека досега веќе ја видовте априлската насловна за магазинот Вог на која конечно блеснаа Ким Кардашијан и Канје Вест, но она што сите го очекуваа беше изјавата на Ана Винтур.

Таа не ги остави своите обожаватели долго да чекаат, па кратко по објавата на насловната, излезе со изјава дека всушност никој не ѝ извршил притисок за двојката да се најде на насловната, туку таа самата го сакала тоа.

„Можеби некаде прочитавте дека Канје ме молел да ја ставам неговата свршеница на насловната на Вог, но морам да кажам дека тој не направи ништо слично. Целата приказна околу насловната и фотосесијата беше наша идеја“, изјави уредничката на Вог.

Таа во изјавата покрај другото посочува зошто верува дека тие двајцата се совршената двојка што заслужува насловна.

„Мислам дека не постои сегмент од модерните медиуми во кој Кардашијан и Вест не успеаја да заземат место, секако, со добра причина. Канје е исклучителен музичар и „културен провокатор“, додека Ким со нејзиниот силен карактер, креираше место за себе во блескавиот свет на ѕвездите, а за тоа навистина треба голема храброст“, вели Винтур.

И покрај нејзината искрена изјава, обожавателите на Вог и всушност, голем дел од светот на модата, сѐ уште не можат да се помират со тоа. Веднаш откако беше објавена насловната, социјалните мрежи беа преплавени со коментари дека со овој потег „Ана го уби Вог“ и дека „сите се чувствуваат предадени од Ана Винтур и нејзиниот магазин“.

Меѓу негативните твитови, се најдоа и такви на влијателни личности од светот на медиумите. Влијателниот блогер Брајанбој напиша: „24 години лојалност кон американскиот Вог и сега ова!“.

Ниту актерката Сара Мишел Гелар не остана рамнодушна на оваа вест, па напиша: „Мислам дека по ова ќе ја откажам мојата претплата за Вог...кој е со мене?“

Ако сметате дека овие твитови беа малку посмирени, оние што следат дефинитивно се далеку од тоа.

Уредникот на BuzzFeed Мет Беласаи напиша: „Ќе го купам априлското издание на Вог само за да можам да го запалам“. Покрај негативните твитови, креативните умови не заборавија ниту да направат неколку пародии на априлската насловна на Вог.

Џејмс Франко и Сет Роген Џејмс Франко и Сет Роген

„Ледената кралица“ не остана рамнодушна и посочи дека Вог секогаш на своите насловни ги третира сите оние кои се дел од американската култура во еден даден момент, кои се возбудливи за читателите и чие присуство има големо влијание.

Сигурно сите ќе се согласите дека Ким и Канје во моментов и тоа како имаат огромно влијание врз американската култура, нели?

Објавено:
22 март 2014
Категорија: 
Актуел