Мотото на оваа, четиринаесета сезона на „Моден викенд Скопје“ е „Telent is the sex“, со што акцентот се става на младите дизајнери и таленти.

Во тој конктекст, на вчерашната прва вечер, својата прва колекција на престави и битолчанецот Андреј Ѓоргиевски кој твори под брендот „Папаз“.

Андреј Папаз Ѓоргиевски

Колекцијата е за актуелната есен-зима сезона, а е насловена „Враќање на антихеројот“.

-Ова е ready to wear luxury колекција со голем акцент на она што се нарекува авангарден изглед на креација. Пред сè бев испровоциран од нетипичниот пристап на инспирирање. Како појдовен лик го земав ликот на Медеја, од чиј карактер се материјализира цела колекција. Женствената силуета сугерира на повеќе варијации на драпеа и елегантнo модерни кроеви. Совршениот лик за колекцијата е секоја несовршена личност која се спротиставува на толпата – објаснува Ѓоргиевски.

Тој додава дека колекцијата се занимава со внатрешниот човечки изглед, кој го трансформира и бескомпромисно го прикажува онаков каков што е, храбар, незапирлив, неуништлив.

-Да се освои толпата и да се продолжи заедно со неа е херојство, но храбро да ѝ се заврти грбот и без двоумење да се продолжи, е мисија на реткиот антихерој – вели Андреј.

Публиката вчера имаше можност да види дванаесет модели, а палетата на бои се движи од бела, преку беж нијанси, златни, па сè до потемни кафени и црни тонови.

-Се потрудив секое парче облека да биде стилизирано и обогатено со раскошни текстури, а изгледот го надополнив и со креативно искомбинирани детали, што даваат силен карактер на моделите – додава Папаз, мислејќи на т.н. „штитници“ во златна и црна боја.

За впечатокот да биде комплетен, дизајнерот остварува соработка и со Димитар Андоновски, кој создаде музичка подлога за ревијата.

-Вистински предизвик ми беше како млад моден дизајнер да се апстрахирам од сите модни трендови, на кои нашата перцепција е подложена, така што сметам дека создадов една своја приказна, свое гледиште на она што се подразбира на комбинирање на бои, форми, материјали и модни додатоци – вели за крај Андреј.

Веднаш по неговата колекција, присутните имаа можност да ги проследат и најновите трендови кога е накитот во прашање. Брендот „Sigma Jewelry“ ги претстави новитетите на ова поле, за сите љубители на дискретни, но сепак впечатливи и елегантни парчиња накит, обединети под колекцијата „Сите бои на есента“. Станува збор за форми накит мотивирани од силуетите на есенското сонце и златните овошја, нова генерација на дијамантско сечење со завршница со златна прашина за дополнителен сјаен ефект.

 

Објавено:
31 октомври 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
780 пати