Ангелина Китановска ќе ја претставува Македонија во креација на „Елена Лука“

9 декември 2016

Од 15-ти до 26-ти декември ќе се одржи натпреварот за убавина „Мис Глоуб Интернационал“, на кој и Македонија ќе има своја претставничка.

Се работи за младата Ангелина Китановска, на која оваа ѝ е прво учество на ваков тип натпревар, а со неа се сретнавме во ателјето на модниот бренд „Елена Лука“, каде денес се одвиваа консултациите околу нејзиниот изглед за претстојниот настан.

Возбудена околу новото искуство, Китановска ни откри како течат подготовките.

-Кога се работи за ваков тип избори, фокусот не е само врз гала вечерта, туку тоа е еден долг процес, составен од неколку натпреварувачки вечери, а финалната би требало да се случи на 25-ти декември. Благодарение на „Џубокс кастинг агенцијата“, која ме предложи на регионалниот избор, на кој бев избрана на мое големо задоволство, ќе бидам дел од ова големо случување. Подготовките се во тек, па периодов е малку стресен и напорен бидејќи за кусо време треба да биде сè подготвено, но пред сè е и мошне забавен – вели Ангелина.

Таа додава дека од соработниците добива голема помош, меѓу кои и домашната модна куќа „Елена Лука“.

-Морам да истакнам дека овој наш бренд секогаш е расположен за поддршка и промоција на младите, талентот, па така и овој пат излегоа во пресрет и ми го олеснија целиот процес. Инаку, ова не е моја прва соработка со тимот. Досега сме реализирале низа ревии, фотосесии, кампањи заедно и соработката секогаш била одлична, а уверена сум дека и ќе остане така. Не се сомневам во нивниот избор, комплетно им се препуштам, затоа што сум сигурна дека што и да одберат ќе биде прекрасно и соодветно на еден ваков избор – ни изјави манекенката, која ќе носи две креации од брендот.

На крајот, Ангелина посочи дека е благодарна за ваквата можност и дека ќе се потруди да ја претстави земјата во најдобро светло.

Ние ѝ посакуваме многу успех и ја очекуваме со првите впечатоци по враќањето од .натпреварот.

Инаку, изборот за убавина годинава ќе се одржи во Тунис, каде ќе се натпреваруваат девојки од вкупно 125 земји.

Објавено:
9 декември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.552 пати