Познатата пејачка Аријана Гранде неодамна на својот Инстаграм профил на „стори“ се пофали со џемпер кој е дело на македонскиот дизајнер Алек Бимбилоски.
Се работи за парче од актуелната капсулна колекција на шпанскиот моден бренд Loewe, „Loewe X Spirited Away“, со кој соработува и македонскиот дизајнер, а за "Фешнел“ откри и како дошло до соработката.
„Работев тука неколку години и на крај се одлучив да пробам во странство и да видам што ќе се случи. Искрено, не го очекував тоа што ми се случи, секако во позитивна конотација. Моите почетоци се врзуваат за „Баленсијага“. Имав одлична соработка и feed back оттаму, а со доаѓањето на Џонатан Андерсон во Loewe, еден дел од екипата се префрли во овој шпански бренд и задоволни од претходната соработка, ме повикаа да соработуваме повторно. Не е наметнато ништо, оставаат да си ја изразиш креативноста и да си го прикажеш талентот“, вели дизајнерот.
View this post on Instagram
За споменатата капсулна колекција соработувал со познатото јапонско студио за анимација „Ghibli“.
„Tие се мошне детални во своите барања. Испраќаат тема, после која доволно е да испратиме скица со димензии. Тие ни испраќаат база на џермпер, за да видиме колку да е волуменозен, мек и слично. Потоа ние си работиме наши шнитови и работиме на изведбата. Бараат исклучително висок квалитет, квалитени предива.
„Ghibli“ беа прецизни за тоа што сакаа да добијат, па на пример џемперот со Чихиро, девојчето од нивниот анимиран филм „Spirited Away" беше изработен со различни техники на плетење. Го гледавме со часови, работевме со недели, го вртевме ликот од сите страни, за да може да се претстави што поавтентично и да се гледа од сите насоки на плетењето. Макотрпен процес, но сепак ми е големо задоволство, особено што се работи за лик од мојот омилен анимиран филм“, објаснува Алек.
View this post on Instagram
А Чихиро е омилен лик и на Аријана Гранде, која има и тетоважа со нејзиниот лик на раката, но и овој бел џемпер со везена силуета. И Бимбилоски ја сподели нејзината селфи фотографија со џемперот кој е негова изработка.
„Околу објавата за Аријана Гранде, ми беше интересно да ги слушнам коментарите овде. Ваквите објави се за масовната публика, не читам коментари на социјални мрежи, но од оние што ме контактираа , секако беа позитивни. Една од целите ми е да покажам дека Висока мода значи макотрпна работа, посебно сакам да го објаснам тоа овде, каде „Зара" како бренд доминира. Токму затоа го отворив „Румор" овде, за да покажам дека за речиси истата цена може да се носат и специфични рачни изработки“.
Инаку, тој додаде дека и Урсула Корберо, која ја знаеме како Токио од серијата „La casa de Papel“, носела негови плетенини за Loewe, фотографии кои ги сподели и на својот Инстаграм профил.
View this post on Instagram
Непосредно пред да го реализираме разговорот, дизајнерот беше во комуникација со екипа од Loewe, а за нашиот сајт откри дека соработката продолжува и оваа година:
„Соработката со Loewe и Ghibli продолжува, во тек се подготовките, а би требало да се реализираат кон почетокот на март. Во план се и други соработки, како и отворање на школа за плетачи, со што овој занает би се издигнал над хоби. Ова за мене значи дека одам во вистинската насока и во вистинско време. Со сето она што го работиме, се покажува уникатноста на рачата работа, се покажува успех со конкретни дела. Многу ми е драго што ова е воедно и промоција за Македонија. Многу би сакал, како што за Италија асоцијација се убавите материјали, вината, за Македонија да бидат асоцијација рачно плетените работи“.
Инаку, колекцијата „Loewe X Spirited Away" е веќе распродадена, а цената на џемперот што го носи Гранде изнесува 1700 долари.