Армани ја одржа ревијата без публика поради корона вирусот

24 февруари 2020

Миланската модна недела завршува денес, но викендот беше возбудлив поради закажаните ревии на големи модни имиња.

Меѓу нив беше и Џорџо Армани, кој ја претстави колекцијата за есен 2020 година. Но, тоа го направи зад затворени врати.

Имено, поради информациите дека корона вирусот ја зафати и Италија, познатиот дизајнер одлучи ревијата да ја одржи без публика, за да не ја изложува на ризик. 

Националната комора на италијанската модна индустрија, која ја организира ревијата, соопшти дека Армани е прв кој донел таква одлука.

Така, колекцијата беше претставена онлајн, односно се вршеше пренос во живо преку веб страната на брендот.

А кога се во прашање креациите, секако дека доминираа темните нијанси, по кои дизајнерот е препознатлив. Од него се очекува елеганција и женственост, а токму тоа и го понуди. Доминантен материјал беше кадифето, кое пак придонесуваше за луксузноста на креациите. 

Кратки сакоа со карнери или шал-јака која се вкрстува, во комбинација со панталони или здолништа со принт (или обратно, сакоа со принт и панталони од свила или кадифе) доминираа во првиот дел од колекцијата. 

За разлика од некои други дизајнери, Армани во оваа reday-to-wear колекција понуди голема палета свечени креации. Така, фустани со монистра, кадифени долги фустани со детали од украсни камчиња, кошули со сјај во комбинација со тесни панталони, се парчињата во кои Армани ја замислува современата жена.

Но, она што можеби остави најсилен впечаток, беше крајот на ревијата. Имено, 12 Кинески модели излегоа во архивски креации од брендот „Armani Prive“ создадени во период од 2009 до 2019 година, а инспирирани од Кина, а потоа на пистата им се придружи и Џорџо Армани.

Тој изјави за медиумите дека крајот на ревијата е неговото љубовно писмо за Кина, пријателите и обожавателите кои ги има таму, а кои периодов се соочуваат со огромни проблеми и последици од корона вирусот, истакнувајќи дека отсекогаш имал посебна врска со Кина, естетска и културолошка, воедно праќајќи им ја својата љубов и поддршка.

По два смртни случаи, 132 потрврдени заболени, Италија воведе заштитни мерки, ставање во карантин и ограничено патување и движење за десетици илјади жители во неколку северни градови. Исто така, затворени се повеќе институции и училишта, одложени се бројни настани, а италијанската влада го прекина одржувањето на познатиот карневал во Венеција.

Целата колекција е во продолжение:

Објавено:
24 февруари 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
898 пати