Ателјето на Just Because официјално го прошири спектарот од понуда на македонски дизајн

22 мај 2014

Со симболична дружба меѓу дизајнерите, медиумите, блогерите и почитувачите на македонскиот дизајн  вечервечер  во просторот  на Just Because се  означи концептуалната соработка на неколку македонски дизајнерски имиња. Како што претходно најавивме, станува збор за отстапување простор во студиото на дизајнерката на накит Нина Симовска, која самоиницијативно сподели  дел за изложување и продажба  на креациите од неколку свои колеги, во склоп на накитот кој го изаработува. „Лудус“, Бобан Илиевски, Acid wear girls, линијата часовници Project Time и Ирина Тошева, се имињата на дизајнерите чии последни колекции веќе се ставени на продажба во студиото на  Нина која  вели дека доколку постои интерес и од други дизајери за соработка, безрезервно би ја прифатила понудата во согласност со просторот.

-Селекцијата на имињата односно дизајнерите беше на пријателска основа, прекрасно е да се работи со луѓе кои најпрвин ги познаваш. Отворана сум да отстапам простор и на други во согласност со расположливоста на студиото. Спонтано и без посебни договори решивме да се споиме на ваков начин. Година и половина го имам своето студио, а веќе три години работам индивидуално. Изработувам накит и затоа сметав дека е супер да се вклопи и облека. Концептуалната продавница на сите ни оди во прилог, како на нас така и на луѓето што сакаат и носат македонски дизајн и се надевам дека соработката ќе биде успешна, вели Нина.

Настанот насловен како „Just Because is moving on“, беше можност за за дружење, разгледување и запознавање на македонскиот дизајн поблиски до консументите на истиот, а за иницијативата на Симовска нејзините соработници велат дека е добредојдена во вистинското време кога ваквите форми на соработки се ретки.

-Идејата ме потсетува на здружувањето и завабите кои ги правевме во „Concept Ludus Store“ , и мислам дека доаѓа во вистинско време, затоа што некако се појавува потребата клиентот на исто место да најде креации од повеќе македонски дизајнери. Иако просторот дозволува само неколку дизајнери, се надеваме дека ќе се прошири и ќе биде вистинско место каде ќе може да се најдат македонските колекции, изјави дизајнерот кој стои зад етикетата Лудус, Драган Христов кој неодамна исто така беше иницијатор за одржувањето на „Super design pop-up store“.

И младата дизајнерка Ирина Тошева како дел од соработничките на Нина, за Fashionel објаснува дека вакви здружувања би било одлично да се прошират и да прераснат во поголем проект.

-Можноста секоја колекција да биде претставена пред поширока публика е добредојдена, затоа со задоволство ја прифатив иницијативата на Нина која беше од поодамна. Се надевам дека идејата ќе се шири и ќе биде прифатена од поширок круг на дизајнери и ќе прерасне во мега концептуална продавница. За почеток со мој потпис се изложени неколку парчиња со кроевите од последната моја колекција Cloud 9, но овој пат во црно бела варијанта. По целото шаренило кое го претставив  на моден викенд, решив да одам со некоја посмирена варијанта, но сепак во тој ретро дух од 70-тите. Мене ме радува честа да бидам дел од оваа група креативци, изјавува Тошева.

Се надеваме дека  овој несебичен потег на Нина Симовска ќе  биде поттик и за сите останати инволвирани во модната фела, а со тоа секако да се допринесе до поголемо доближување на македонскиот дизајн кај  купувачите. Ние топло ви препорачуваме да го посетите студиото на Just because, бидејќи таму ќе најдете уникатни парчиња по цени достапни за сечиј џеб.

Објавено:
22 мај 2014
Категорија: 
Актуел