„Балман“ е продаден за речиси половина милијарда евра

24 јуни 2016

Гласините што започнаа уште во април годинава за продажбата на модната куќа „Балман“ конечно се потврдија. Компанијата што ја поседува и модната куќа „Валентино“, „Мајхула“ од Катар, е новиот сопственик на францускиот бренд и тоа за 485 милиони евра.

После соочувањето со банкрот во 2004 година, оваа модна куќа доживеа ренесанса под водство на Алан Хивелин (поранешен директор, кој имаше 70 проценти контрола на брендот), кој пак го донесе Оливие Рустенг на позицијата креативен директор во 2011година. Три години подоцна, Алан почина на 71-годишна возраст.

Според магазинот „Les Echos“, брендот во 2015 година заработил 120 милиони евра, со што е остварен раст од 30 милиони евра за разлика од 2012 година.

Сегашниот директор, Емануел Димоз минатата година за „БОФ“ изјави:

-Денеска достигневме одредено ниво, а ако сакаме да одиме на следниот чекор, мораме да имаме наша мрежа на продавници.

„Балман“ се стремеше да го достигне успехот на „Валентино“, со кој и се здоби кога во 2012 успеа да ја постигне целта од  милијарда евра од продажба.

Кон ширење на мрежата се приклучи и „Валентино“, кој годинава треба да има 20 до 30 нови продавници.

Првата продавница на „Балман“ во САД се отвори годинава во март и тоа во Њујорк. За сега, оваа модна куќа има 17 продавници и планови за проширување во Лос Анџелес, Сингапур и Хонг Конг. Следните планови опфаќаат и проширување на асортиманот на модни додатоци. Тие опфаќаат само четири проценти од бизнисот, што треба да се зголеми, а следната година Рустенг ќе лансира и обувки. Тој е свесен дека мора да го прошири својот асортиман, а со тоа и следбениците.

Младиот дизајнер на Инстаграм профилот има 3.4 милиони следбеници, а „Балман“ на истата мрежа го следат 4.7 милиони. Тоа е малку во споредба со деветте милиони на „Гучи“, но сепак интензитетот со кој бројката расте не е за потценување.

Доаѓањето на катарскиот инвеститор ќе го стави „Балман“ повторно во центарот на вниманието. Ако се има предвид напредокот кој модната куќа „Валентино“ го постигна со финансиите што „Мајхула“ ги вложи во неа, може да очекуваме „Балманиа“ да биде погласна од било кога до сега.

Објавено:
24 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
972 пати