
И тоа со ново тело. Всушност, се работи за три нови облици на тело, а магазинот „Тајм“ одлучи тоа да го прослави со насловна страна што секако ќе ви го привлече вниманието.
Ова е прв пат во историјата на куклата, таа да се појави во четири различни изданија, односно типа на тело. Така, новите генерации освен со оригиналната, ќе може да си играат со висока, ниска и Барбика со облини. Покрај тоа, новите барбики ќе бидат достапни во седум различни нијанси на кожа, 22 различни бои на очи и 24 стила на фризури, вклучувајќи ја афрофризурата како и сината коса.
-Барбиката секогаш им давала на девојчињата можност за избор – од 180 видови на професии, улоги што инспирираат, па сè до модните комбинации и избор на модни додатоци. Возбудени сме што буквално го менуваме лицето на брендот. Новите кукли ја претставуваат линијата што го отсликуваат светот што девојчињата го гледаат околу себе – а тој вклучува различни типови на тело, боја на кожа, стилови. Така, девојчињата ќе имаат можност да ја изберат куклата во која ќе се препознаат или ќе препознаат некој од нивната околина – вели Евелин Мазоко, заменик претседател и глобален менаџер на брендот.
Како пренесува „Тајм“, 92 процента од девојчињата помеѓу 3 и 12 години имаат барбика, но продажбата од 2012 до 2014 опаднала за дури 20 проценти. Оваа кукла се продава во преку 150 земји, а остварува продажба од една милијарда долари и повеќе. Но, новите кукли и принцезите на Дизни, особено од Frozen, придонеле резултатите на Барби драстично да паднат, дури за 500 милиони долари за во 2015 година опаѓањето да биде толку големо, да мора да се преземат итни мерки. Уште од почетокот на 2000-тата, кризата на оваа кукла почнала со појавувањето на Bratz, но како одминувале годините, Барби сè повеќе се соочувала со криза на идентитетот.
Токму затоа, Евелин која е мајка на три ќерки, доаѓа на чело на брендот во 2014 година и вендаш се зафаќа со проблемите со кои оваа кукла се соочува.
-Сакав да се потсетувам себеси секој пат кога ќе дојдам на работа за реалната ситуација и за тоа што се случува со брендот – вели таа за „Тајм“.
Помеѓу новитетите е и тој дека куклите ќе имаат помалку шминка, подвижни зглобови, со што ќе може да носи и рамни чевли и потпетици.
Тест периодот вклучувал секако и искуство и реакции со најважната публика – децата.
А тука е и најголемиот предизвик. Децата на шест или седум години веќе се врзани за одредени силуети на нивните играчки. Мазоко и самата го посочува искуството со нејзините ќерки – две обожавателки на Барби, едната не – кога е во прашање императивот на различност.
-Јас правам многу работи за моите деца, а меѓу нив има и такви што не им се допаѓаат или не ги разбираат, од тоа да си ја сработат домашната, до јадењето зеленчук. Ова е многу слично на тоа. Моја одговорност е да се убедам дека ќе бидат отворени за инклузивност, дури и ако тоа сега не го разбираат – вели таа.
Куклите биле изложени и на тест кај мајките, бидејќи сепак, тие и ги купуваат куклите. Реакциите се различни:
-Посакував да имаше уште повеќе облини. Постојат тела што имаат навистина истакнати облини, а се сепак убави. Ќерка ми има такво тело и би сакала да ѝ дадам ваква кукла. И тоа е почеток, претпоставувам – вели една од мајките што работи во ресторан.
Идејата за многу различни барбики, може да биде и збунувачка.
-Ја однесов ќерка ми да купиме кукла. Ако црна верзија, или некоја со црвена коса, крупна се појавеше во тој момент, ќерка ми ќе ме прашаше: „Каде е Барби“? Ако „Мател“ оттргне сè што ја направи Барби икона, тогаш дали е таа сè уште истата икона? – вели уште една од мајките.
Со децении се работело на создавањето на препознатливоста на Барби. Кога луѓето ширум светот ќе ги затворат очите и ќе помислат на оваа кукла, тие имаат одредено тело на ум. Ако тоа тело се смени, Барби би можело да го изгуби својот статус. И уште полошо, новата верзија може да не им се допадне на купувачите. Тоа е уште еден од големите ризици што ги презема оваа компанија.
-На крајот, секогаш ќе има такви што ќе негодуваат. Ние сакаме да бидеме сигурни дека обожавателите на Барби ќе нè сакаат уште повеќе и со тоа можеби ќе ги натераме луѓето што се негативно настроени кон различности да станат неутрални. Тоа би било убаво – вели Ричард Диксон, претседателот на „Мател“.
Ова е една од најдраматичните промени на Барби во нејзиното 57-годишно постоење. Продажбата на новите кукли започна вчера и тоа само на сајтот Barbie.com, а во продавниците ќе се појави во текот на оваа година.
Инаку, креирањето на новите кукли се држело во строга тајност. Дизајнерите имале код за овој проект – Project Dawn, па дури ниту нивните сопружници не знаеле што се подготвува.
-Ова е и личен проблем, бидејќи речиси сите жени некогаш имале Барбика, и секоја од нив има некоја врска или мислење за оваа кукла – велат од компанијата.
Инаку, сите нови кукли ќе имаат иста големина чевли.
-Не можеме да ги поделиме, затоа што некој така ќе помисли дека една е подобра од друга. Исто така, треба на сите предмети да направиме брендирање, а чевлите се многу мали – истакнува Роберт Бест, еден од дизајнерите и поранешен учесник на шоуто „Project Runway“.
Цената на барбиките е 9.99 долари.